Се враќа стариот газда: Михајловски нема да го остави Вардар на цедило

Долгогодишниот претседател на Вардар, Михајло Михајловски, е подготвен да помогне за надминување на кризата во таборот на актуелниот европски првак. Тој веќе имал и состанок со ракометарите, на кој бил присутен и актуелниот газда, Сергеј Самсоненко, при што се дискутирало за решавање на огромните финансиски проблеми со кои се соочуваат „црвено-црните“.

„Не се знае ништо конкретно. Имавме состанок со Самсоненко и Михајловски, отворено разговаравме. Ни беше кажано дека до крајот на месецов ќе се знае нешто повеќе. Не знаеме што ќе се случи, но како и да е јас до крајот на сезонава останувам во Вардар, мислам дека ист е ставот и на останатите ракометари. Би сакал работите да се стабилизираат“, открива Иван Чупиќ, еден од најискусните во таборот на „вардарци“.

Михајло Михајловски беше предводник на проектот за преземање на Вардар и во текот на минатата година. Тогаш начелно беше договорено тој со своето искуство да ги предводи „црвено-црните“, оформувајќи значаен буџет од различни компании, но се падна во вода кога Вардар ја освои втората европска круна, по што Самсоненко се премисли и реши да остане на чело на „вардарци“.

Проблемот e во тоа што Русинот повторно не им дава плата на ракометарите, долговите се зголемуваат и резултираат со егзодус на ракометари, дел во текот на сезонава, дел со веќе договорени летни трансфери.

Како и да е, се чини дека Михајловски нема да го остави својот Вардар на цедило, туку ќе помогне кога му е најтешко, да се стабилизира и потоа да се бори во пресметките со европската ракометна елита.

Се вчитува...