СЕ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА БАРАЖОТ ЗА СП 2022: Македонија го дознава полуфиналниот противник, и дали би била домаќин во финалето!

Македонската репрезентација денеска од 17 часот преку ждрепката во Цирих ќе го дознае својот противник за полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Македонија е една од 12 репрезентации кои ја очекуваат денешната ждрепка откако преку најдобриот свој квалификациски циклус во историјата се избори за второто место во Групата Ј, веднаш зад Германија.

Македонскиот национален тим е во групата неносители пред ждрепката, заедно со Австрија, Чешка, Полска, Турција и Украина, па противникот за полуфиналето во баражот ќе го бара меѓу селекциите на Италија, Португалија, Русија, Шкотска, Шведска и Велс.

СЕ ЗА ДЕНЕШНИОТ БАРАЖ ВО ЦИРИХ

Баражот ќе се игра согласно новиот модел на ФИФА, нешто слично како и во плеј-офот од Лигата на нации за пласман на ЕВРО 2020, во кој вкупно 12 селекции (10 второпласирани од квалификациските групи и плус две репрезентации од Лигата на нации, Австрија и Чешка) се поделени во два шешири на носители и неносители.

Притоа со ждрепката од Цирих ќе бидат одредени шесте полуфинални двојки. Веќе е познато дека победникот од првата полуфинална двојка во финалето за место на Мундијалот 2022 ќе се соочи со победникот од втората полуфинална двојка, победникот од третата со победникот од четвртата и победникот од петтата со победникот од шестата полуфинална двојка.

Поради правилото на ФИФА за „забранети пресметки“, единствено е познато дека Русија и Украина не може да бидат извлечени една против друга на патот кон СП 2022.

Неносителите полуфиналето од баражот ќе го играат на теренот на противникот кој ќе биде од листата носители. Домаќинот за финалниот натпревар за пласман на СП 2022 ќе биде одреден со дополнителна ждрепка исто така денеска во Цирих.

Полуфиналните натпревари од баражот за пласман на Мундијалот ќе се играат на 24. март а финалните на 29. март следната година. Победниците од трите финални натпревари патуваат за Катар на Светското првенство во декември следната година.

Се вчитува...