Седлоски: Добро го анализиравме Фенербахче, ги знаеме сите негови добри и лоши страни

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Гоце Седлоски во пресрет на пресметката со Фенербахче во плеј-оф квалификациската рунда за Лигата на Европа вели дека добро е анализиран турскиот гигант кој во секој случај ја носи фаворитската улога пред овој двомеч.

„Ние сме подготвени за тоа што не очекува на двата натпревари. Добро го анализиравме Фенербахче, сите негови добри и лоши страни… Нема потреба да нагласувам дека се работи за одличен клуб кој е секако фаворит, но и ние имаме свои цели од кои не се откажуваме“ – вели Седлоски во изјава за турската ТРТ.

„Во фудбалот не секогаш победуваат фаворитите. Го почитуваме Фенербахче, но не се потценуваме и самите себе. Одигравме четири квалитетни натпревари досега во Европа. Сето тоа ни носи голема надеж за два нови добри натпревари“ – вели Седлоски.

Вардар во првиот натпревар од последното квалификациско коло за ЛЕ го пречекува Фенербахче во четврток (17. август) од 20 часот на „Телеком арената“ во Скопје. Според последните информации досега се продадени околу 10.000 билети за дуелот против Турците.

Се вчитува...