Седлоски е „пеницилин“ за Шкендија, а Брдариќ е доведен за да го победува Вардар

Дуелите меѓу Вардар и Шкендија во изминатите неколку години прераснаа во најголемите клупски пресметки на македонската сцена. Она што во подалечното минато за Вардар беа Силекс, Слога Југомагнат, Пелистер…сега е Шкендија…најголемиот ривал во трката за шампионската титула.  ’Двобојот на милионерите’ продолжува денеска на „Телеком Арена“, а иако фудбалерите се главни актери на овој мегадуел, сепак, многу работи (ќе) зависат и од тренерските замисли.

Овој 43.дуел отвора и ново поглавје во тренерските пресметки. Гоце Седлоски е веќе искусен во овие дерби дуели со Шкендија, и има одличен ефект. Тој е „пеницилин“ за тетовскиот тим, и во меѓусебните натпревари, но и во конечниот епилог на крајот од првенствата. Вардар го „возеше“ секогаш на врвот, пред Шкендија, најчесто победувајќи во директните дуели за титулата со конкурентот. Оваа сезона, Гоце Седлоски со Вардар два пати ја совлада Шкендија, во Скопје со 3-0 и во Тетово со 0-2. Но, тогаш на клупата на Шкендија беше Бруно Акраповиќ.

Vardar - Skendija 2

На кормилото на тетовци од оваа зима има ’германски мозок’. Томас Брдариќ е доведен во Шкендија за да ја освои титулата, а тоа недвосмислено значи и да го победува Вардар. Се уште е недоволно искусен за македонскиот шампионат, не ги познава доволно добро приликите, но зад себе го има германското педигре. Доведе и неколку засилувања по свој вкус во тимот, кои имаат и искуство од Бундес-лигата, теоретско, но не и практично. Дино Меѓедовиќ и Јуре Чолак беа дел од германски бундеслигаши, но и не одиграле премногу натпревари во Бундес-лигата. Секако, и Бесарт Абдурахими е еден од новите адути на Шкендија, заедно со Ферхан Хасани и Бесарт Ибраими, кои исто така во минатото беа дел од Бундес-лигата, барем на хартија…, односно на тренинзи.

Вардар оваа зима купи фудбалер директно од најголемиот ривал. Го доведе левиот бек Бесир Демири, македонскиот младински репрезентативец, од Тетово во Скопје. И во него сигурно ќе бидат вперени очите на овој дерби – меч, секако, доколку добие шанса за настап од Гоце Седлоски.

Нова тренерска пресметка, но исти клупски амбиции и за Вардар и за Шкендија. Најтрофејниот македонски клуб сака да ја одбрани шампионсата круна, а тетовскиот тим се надева дека оваа сезона може да ја „грабне“. Засега Вардар е четири чекори напред и многу работи зависат токму од денешното дерби.

Нека почне играта…

Се вчитува...