Седлоски има понуда од Динамо Загреб!

Долгогодишниот македонски репрезентативец Гоце Седлоски би можел да го напушти директорското место во Вардар и да се пресели во Динамо Загреб, како тренер на најталентираната генерација во младинската школа на „модрите“. Хрватскиот првак ќе направи неколку рокади на тренерските места, Игор Јовичевиќ од младинската школа ќе се пресели како наследник на Бјелица во првиот тим, а неговото место би требало да му припадне токму на Седлоски.

Предизвикот е огромен ако се знае дека младиот тим на Динамо се уште е дел од Лигата на шампионите, веќе ги елиминираше Манчестер Сити и Баерн Минхен, а во следната фаза ќе се сретне со Бенфика. Доколку одговори на предизвикот, македонскиот стратег дополнително би си го кренал реномето, па во иднина би бил во игра за стратег на сениорскиот состав на „модрите“.

Според „Вечерњи“, пресудна е долгорочната соработка што Седлоски ја има со Здравко Мамиќ, на чија препорака тој пред неколку години седеше на клупата на Широки Бријег. Седлоски мина шест и пол сезони како играч на Динамо Загреб од 1998 до 2005 година, стана прв странец што ја носеше капитенската лента во овој клуб, собирајќи вкупно 191 настап за овој клуб.

Тој моментно ја извршува директорската функција во Вардар, но со оглед на огромните финансиски проблеми на „црвено-црните“, тој договор експресно ќе биде раскинат доколку во меѓувреме се официјализира соработката со актуелниот хрватски шампион.

Се вчитува...