СЕДМЕРЕЦ: А, да го тргнеме платното, што велите?

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Едно бело платно во „Борис“ ни ги покриваше празните трибини, друго во „Јане“ ни го откри срамот…

1.Три од три – фала и пријатно!

Нека ми извинат и вардарци со победата и металурзи со модринките и Талант и Голужа, и „петухот“ и „вардарските пастуви“… на прво место оваа седмица се македонските ракометарки!

Долго чекавме радост во женскиот ракомет. Мачни беа сите оние минати години од 2012 наваму кога тие бараa трпение, а ние баравме и по некоја победа. Пред две години, некаде во ова време, на 2 декември, македонските ракометарки конечно го скршија мразот, таму далеку на Фарски Острови. Беше тоа таа прва победа што даде зрак надеж. Потоа стигна уште една против Исланд и огромна радост за првиот бараж за СП 2017…

Потоа дојдоа победите и четвртото место на Медитеранските игри во јуни годинава.

Во декември, ракометарките ни донесоа нова радост. Скромно, дисциплинирано без многу ука-бука, одиграа – секоја чест! Одамна сме немале двоцифрена победа ни во машкиот, а не пак во женскиот ракомет. Ниту пак 40-ка во противничкиот гол.

Но, девојките успеаја. Го победија Азербејџан со 41-22!

И, ако Азербејџан беше аутсајдерот, Исланд беше фаворитот. Го победија и Исланд. И стигнаа на двоцифрена предност и против најсилниот противник во групата.

Баражот беше на дофат, но требаше да се одигра максимално и во дулот со Турција. И одиграа македонските ракометарки, токму како што бараше селекторот Симе Симовски.

Три победи за три дена. И ниеднаш никој не рече – уморни сме, силни се, ќе видиме!

Рекоа „ова не е тим, ова е семејство“ на победничкото селфи во соблекувалната.

Станаа она „НИЕ“ и ги победија и противниците и скептиците.

Среќно, девојки во баражот, па нека биде и пак Шведска ако мора!

2.Од другата страна, под платното…

Македонските ракометарки имаа перфектни три од три, пласман во бараж за СП, 30-ки и 40-ки во противничкиот гол, фантастични +19 на старт…и празни трибини покриени со бело платно!

Скромно ја повикуваа публиката да ги поддржи, споделуваа – дојдете, играме дома. Бесплатно е…

Но, остана да одекнува „Ова е земја на шампиони…“ во нивна чест, но во празна сала. А, заслужија многу повеќе.

Заслужија да го тргнеме платното. И од пред очи и од празните трибини. Нели сме познати по навивачите и по пеколната атмосфера?!

Каде ги снема викендов? Сите ли отидоа на Алекс и на Талант да им свират?

3. Како е п…р по руски?

Едно бело платно во „Борис“ ни ги покриваше празните трибини, друго во „Јане“ ни го откри срамот…

Вардар го победи Кјелце и му се реваншира за поразот во Полска токму во клучниот меч за презимување на второто место зад Барселона. Тоа е сега „таргетот“. Првото место и директ четвртфиналето – „отиде“ и го заборавивме како никогаш да не сме го ни посакувале.

Што ќе ни е прво, второ му е мајката!

Но, на крај поважни од важната победа на Вардар станаа „свирките“ и транспарентот на трибините. Симпатизерите на „црвено-црните“ на Талант Душебаев му порачаа дека не им е симпатичен. И руски научија и транспарент му извадија – на руски „Талант петух“!

Демек, да го деконцентрираат. Оти, нели и капитенот на прес пред мечот им кажа дека „Кјелце е познат по провокации, особенo нивниот тренер…“

Не им остана должен ни Душебаев и ги прозва „мажите“ да дојдат „машки да се пресметаат“.

А, можеби и да ги потсети дека „петухот“ им даваше совети кога вардарци си играа тренери, дека им го пушти Алекс кога немаа играчи, дека им го донесе Раул Гонзалес да ги направи шампиони… Да не биде еднострано, од „добрите односи“ досега, што е за право, полза имаа и двете страни.

Само што транспарентот што го изнервира Талант, го засрами европскиот шампион пред европската јавност. Велат, ова било одговор на нивните провокации. А, го заборавија „средниот прст“ на Дибиров среде Кјелце. Кој знае што ќе беше Лиевски така да ги поздравеше овие нашиве кои не трпат провокации. И брзо забораваат услуги.

Па, прво беше „Наче п..р“ по цело Скопје, сега е „Талант петух“…

„Вардарските пастуви“ сите ги направија п…ри! А, дома плачат по Лидија, што би рекле во претставата.

И не се работи за тоа дали сме за нашите или за туѓите. Се работи за спортска култура и фер-плеј.

И за малку подолга меморија…

Се вчитува...