СЕДМЕРЕЦ: Година за паметење

Екипа

Вардар ја заврши 2017 во ЛШ онака како што посакуваше. Металург онака како што не посакуваше…

1.Рекорд за крај

Никој досега така убедливо не ја бранел европската титула во историјата на најелитното европско ракометно натпреварување како што тоа го прави Вардар во овој прв дел од сезоната. Европскиот шампион е единствената непоразена екипа во Лигата на шампионите по првите 10 кола, неприкосновен лидер во групата во која конкуренцијата се великани од калибарот на Барселона и Рајн Некар Левен и рекордер по многу „бројки и факти“.

И во ланската шампионска сезона, и во тие претходно, секогаш имаше по некој непланиран пораз, тука-таму, што од замор, што од презаситеност, а понекогаш и од потценетост на противникот. Но, овој пат Раул Гонзалес и „црвено-црните“ воспоставија една поинаква традиција во ЛШ – ШАМПИОНОТ МОРА ДА ИГРА ШАМПИОНСКИ!

Без калкулации ми треба – не ми треба. Без барање алиби дури и кога не се сите на број. Без поплаки и без многу пофалби. Без потреси во играта дури и кога „тресе“ неизвесност во клубот со многу заминувања, некои потврдени, некои во најава…Без пораз!

И со рекорд во календарски последниот натпревар од ЛШ пред својата публика против шведскиот Кристијанштад. Вардарци останаа дисциплинирано доминантни од почеток до крај. Раул Гозалес го доведе до очај и Ола Линдгрен. И запиша уште една победа што ќе се памети, 31-15 беше крајниот резултат на семафорот. Кристијанштад постигна вкупно 15 гола, Вардар направи разлика од 16! Да се знае кој е шампионот.

2.Бројки и факти

Кој сака „бројки и факти“ тоа изгледа вака:

Вардар сезонава во ЛШ има 8 победи и 2 нерешени. Или вкупно „црвено-црните“ во серија имаат 15 натпревари без пораз. Календарски во 2017 година европскиот шампион има 16 победи, 2 нерешени и 2 порази. Последниот пораз на вардарци датира од 4 март годинава кога загубија на гости кај Мешков Брест (30-26).

Да се победи пак Вардар во Скопје е речиси невозможна мисија. Во 2017 во ЛШ нема таков јунак. Вардар има вкупно 9 скопски победи во серија, а последниот пораз е оној од Рајн Некар Левен од минатата сезона запишан на 26 ноември 2016 година кога „лавовите“ победија со 26-29.

Сезонава во Скопје стивнаа и „лавовите“ заедно со Јакобсен. И Барса со Чави Пасквал. И француските ентузијасти од Нант. За ППД Загреб со Каменица и за Кристијанштад со Линдгрен веќе и не правиме муабет.

Сите до еден сигурно добро ќе го паметат европскиот шампион на скопски терен.

metalurg so sporting

3.„Металурзи“ во друг филм

И додека оние од горниот ешалон во групата А од ЛШ, во Скопје доаѓаа да поиграат со Вардар и што помалку да загубат во „Јане Сандански“, оние од „долниот дом“ во групата Д, релативно лесно книжеа бодови против Металург во „Борис Трајковски“.

За разлика од непоразените вардарци кои на 2017 во ЛШ ставија точка баш како што посакуваам, „металурзи“ завршија како што не посакуваа. Со пораз од Мотор Запорожје минатата недела се простија од домашниот терен, со пораз од Спортинг во Лисабон викендов го завршија настапот во Лигата на шампионите. Тимот од Автокоманда по големата криза во 2014, постојано се подмладува, се обидува и никако не успеа да застане на цврсти нозе. Сезонава Металург имаше две надежни победи и едно реми и седум разочарувачки порази. Благодарение на победата на Бешикташ против руските Чеховски медведи, „металурзи“ го избегнаа дното и завршија на петото место во групата Д. Ако лани отидоа чекор напред, годинава се спуштија два назад.

Догодина, здравје, ќе видиме што ќе биде.

Она што е добивка дури и во поразите на Металург е искуството на младите македонски ракометари во составот кои, помалку или повеќе, добија шанса да се калат во ЛШ. Се калеше тренерски и Александар Јовиќ и покажа дека Металург може и без Лино Червар. Можеби со расчистени сметки и со појасна ситуација без сугестии по телефон и „менторот на трибини“, и притисокот би бил помал. И резултатите поголеми.

4.Пелистер на старите патеки

Во сенка на есенскиот финиш во Лигата на шампионите, но со се поголем интерес на домашната јавност од коло во коло се редат дуелите во нашата домашна Супер лига.

Пелистер во Супер лигата е како Вардар во ЛШ. Стевче Алушовски се зафати да го врати Пелистер на стартите патеки и на местото што го заслужува. И засега добро му оди дури и со овој проретчен состав во кој на некои позиции мора да прави „импровизација со мобилизација“. Пелистер има десет победи во серија и само еден пораз уште на стартот на сезоната. Битолскиот тим е неприкосновен на врвот на табелата и есенски хит во Супер лигата.

И за Пелистер, 2017 ќе биде година за паметење. Уште повеќе ако успешната приказна продолжи и во 2018 и ако успее мисијата на Алушовски – клубот со традиција да се врати на местото што го заслужува.

Се вчитува...