СЕДМЕРЕЦ: Се е исто како лани, или не е?

Екипа

Вардарци повторно фатија директно четвртфинале во ЛШ, лани итаа кон Келн, годинава бранат титула и се пакуваат

1.Спакувани

Вардарци го одбранија првото место и втора година по ред обезбедија привилегирано четвртфинале во Лигата на шампионите. Според табелата „се е исто како лани“.

Според играта и резултатите и куферите, малку е поинаку. Лани вардарции итаа кон Келн, годинава бранат титула и се пакуваат.

„Веќе почнав да учам полски јазик. Полека веќе се пакувам. Со Вардар ја освоив Лигата на шампионите и ми треба малку промена и нови предизвици…“ – откри деновиве Лука Циндриќ во едно хрватско интервју.

Циндриќ е само еден од многуте што се селат во јуни од Скопје, па, можеби веќе почнало пакувањето. Кој знае.

Факт е дека Вардар во 2018 не личи многу на оној Вардар од 2017 кога тактички надмудруваше и газеше се пред себе. Благодарение на плодната есен, некако го истуркаа февруари-март и што е најважно, останаа први. Но, играта и резултатите после јануари, па и она вчерашното „едвај реми“ против Висла Плоцк, го прикажуваат европскиот шампион во едно поинакво резервирано издание. Или ако сакате бројчано, во ланската шампионска сезона во оваа фаза, Вардар во последните пет натпревари имаше четири победи и еден пораз од Мешков Брест. Годинава во последните пет натпревари вардарци имаат само две победи.

Велат титулата во ЛШ полесно се освојува, потешко се одбранува. Бидејќи одамна никој не успеал, барем, во новата ера на ЛШ со Ф4, можеби држи и тоа.

Велат дека играчите се уморни од јануарското ЕП во Хрватска. Па и лани имаше СП во Франција, а играчите со репрезентативен ангажман се горе-долу истите. Само Штербик плус годинава „тркна“ од Скопје до Загреб да им помогне на Шпанците. И Раул Гонзалес беше селекторски ангажиран на македонската клупа, па имал помалку време да се фокусира на Вардар…Па, може има малку нешто и во тоа.

А, можеби многу повеќе е во пакувањето и во куферите. Можеби, што би рекол Раул, и ќе успеат тоа што не успеал никој друг, да го повторат успехот во Келн. И во куферите покрај речниците, да спакуваат уште една титула. Можеби.

Патот до Келн овој пат вардарци ќе ги води преку Сегед или преку Кил.

2.Десет-кувани

Спакувани, ама пак како први на табелата во европското четвртфинале одат и вардарки на патот кон Будимпешта. Го потврдија врвот во последниот меч прoтив десеткуваниот Битигхајм.

Што ќе рече Пенезиќ – меч здодевен и за нас и за публиката.

Односот на силите нешто налик како оние од домашната лига. Ама и на нив барем списокот е пол. Битигхајм во Скопје дојде со осум, плус две голманки. Не на пријателски натпревар, туку на натпревар од главната фаза во Лига на шампиони. И не тим од Кукови Острови, туку шампион на Германија. Поразително за ракометот и за квалитетот на ЛШ, колку и да се во прашање „проблеми со повреди“.

Во таа и таква ЛШ, вардарки и спакувани и распакувани, со уште 2-3 екипи, се уште го имаат приматот на „европски крем“ и реално и очекувано е да бидат во Будимпешта и да играат за титула. Па нека е и за збогум.

3.Спасени

Овие во ЛШ не можат да соберaт тим, а ние се секираме дали Прилеп ќе се собере да ја доигра сезоната во Супер -лигата!

Се спасија прилепчани во последен момент. Заканата и потсетувањето на старите предизборни ветувања на новите градски власти го спасија клубот, да преживее и да ја доигра сезоната. Со слична судбина и со спас во заден час неодамна беше и велешки Борец.

Ќе тргне во Битола, ќе секне во Прилеп. Ќе „пркне“ Струга, ама Автокоманда никако да се одблокира, Вардарци се пакуваат… Работата врвка.

А, тамам ќе помисли човек дека ни тргнала работата!

Се вчитува...