СЕДМЕРЕЦ: Вардар, Кире и Французите – тие се!

Екипа

Се менува картата на ракометна Европа, а Вардар поместува граници

1.Келн пак без Германци, кој би рекол…

Вардар ќе ја брани европската титула во Келн. На крајот на денот тоа е и најважната вест.

Вардар, наш Кире и трите Французи – тие се!

Кој би рекол дека Келн и завршниот спектакл во Лигата на шампионите и годинава ќе остане без Германци? Ама, ете чуда се случуваат. Рајн Некар Левен ја „утна“ работата уште во осминафинале, Вардар го „уби“ Кил во „Шпаркасен Арена“, а Монпелје од „долниот дом“ го збриша Фленсбург. Кире Лазаров ја пренесе „келнската“ карма и во амбициозниот Нант. И се состави најдобрата четворка во ЛШ – Вардар и три Французи!

Француската репрезентативна доминација и системот граден со години, го дава резултатот. А тука некаде со Французите избива Вардар и македонскиот ракометен феномен.

Се прекројува европската ракометна карта, а македонскиот шампион поместува граници од многу аспекти.

Вардар „мртов ладен“ го елиминира Кил. Со сите проблеми на врат, „разлаз“ на крај на сезона и живот „од заштеда“ што би рекол Канелјас, вардарци „мирно како Раул“, одиграа речиси перфектна сезона и се на два чекори од нов историски успех.

Сега веќе ништо не е невозможно. Вардар е прв шампион после Кил што се враќа во Келн да ја брани титулата. Вардар може да биде прв и единствен европски шампион што ја одбранил титулата во новата Ф4 ера во ЛШ. Зошто да не?!

Раул знае. Вардар може. Публиката сака и знае да цени. Приказната заслужува среќен крај.

2.Ние го живееме моментот, Французите иднината

Со многу емоции публиката го испрати Раул Гонзалес и сите вардарци кои вчера го играа последниот натпревар од ЛШ во „црвено-црниот“ дрес на домашен терен. Од следната година повеќето од нив во „Јане“ ќе доаѓаат во некои други бои.

Но, сезонава е нивна вардарска и ред е уште еднаш да биде најдобра. Ракометна Македонија го живее моментот. Догодина ќе биде можеби некоја друга приказна.

Тука е и разликата со оние другите во големата четворка. Можеби најблиску по филозофијата, не и по буџетот, до Вардар е ПСЖ. Но, Монпелје е веќе некоја друга приказна. Слика на долгорочна работа, тренер што е две децении на клупата и слика на ракометната иднина.

Вардар е горе-долу ист како лани. Силен, добро склопен, тактички одлично подготвен. Но, без ниедна нова македонска ѕвезда што ќе даде надеж дека нема да бидеме на Ф4 сега и кој знае кога повторно.

А, во Монпелје веќе „растураат“ Мелвин Ричардсон и неговите дваесетгодишни врсници пред кои се уште многу Ф4-ки и шампионски титули. Тука е разликата во системот и во филозофијата – денес за утре, додека трае нека трае. И онаа другата – сигурна инвестиција за иднина. Ништо тука не е случајно.

Впрочем, прашајте го Данило Брестовац, како функционира францускиот проект и како Ричардсон помладиот растеше во Шамбери.

3.Кире за историја, за иднина ќе почекаме

Македонија во Келн ќе го има Вардар и Кире Лазаров со Нант. И вардарци и капитенот испишуваа историја во ЛШ. Вардар може да го оствари тоа што не му успеало на ниеден шампион досега – да ја одбрани титулата.

Лазаров пак веќе е во историјата на ЛШ со првата „илјадарка“ – голови во најелитното натпреварување, а сега додава и уште едно ретко постигнување – настап на Ф4 во Келн со четири различни клуба. Дебитираше со Сиудад Реал, играше и со Атлетико Мадрид, со Барселона ја освои титулата. Со Нант тргнува одново во за нив историскиот прв настап во Келн. Лазаров е еден од ретките на кои мотив и амбиција не им недостасуваат ни во четвртата деценија. Што секако е за почит и го става македонскиот капитен во редот на големите имиња со долг век на ракометните терени од калибарот на Нарцис, Омејер, Штербик…

Историја имаме, можеби еден ден ќе имаме и иднина во Келн или каде и да биде следната дестинација за најдоброто во ЛШ.

Се вчитува...