СЕДМЕРЕЦ: Во земјата на шампионите и на корнишоните

Екипа

Се жалат младинските школи дека парите се делат без да се почитуваат критериумите. А, бе тие не знаат дека платиле да им ги „опеат“ корнишоните, вие барате да ги „препознаат“ шампионите!

1.Поезија за млади и спорт

Деновиве се испреврте односот на силите во ракометна Европа, ама кај нас и Барса и Веспрем и шансите на шампионски Вардар во одбрана на титулата, паднаа во втор план откако излезе во јавност „поезијата“ од Агенцијата за млади и спорт. И раздрма се по хоризонтала и по вертикала во „земјата на шампионите и на корнишоните“. Па излегоа на виделина и други промашени зицери од водечката државна институција што се грижи за младите и за спортот.

Нема директна врска со песните, ама има со критериумите. Полн ми е инбоксот со поплаки од клубови и од младински школи дека во Агенцијата за млади и спорт по некои „чудни“ критериуми се делат државните пари наменети за младинските клубови „учесници во националниот спортски систем на натпревари“ во соработка со националните федерации. Се жалат и од ракометот и од атлетиката и од пливањето…

Некои се упорни и ја тераат работата, други брзо креваат раце, да не се замерат кај што не треба, па да останат и без сали и термин. Им одмилуваат и топки и пари и борба за младински титули кога на крај пак парите се делат според  „критериумот на корнишоните“.

И се чудиме после зошто имаме таленти, а немаме резултати како другите. Пропагираме и дебатираме за национална стратегија во спортот, за критериуми, системи и планови, за развој на младинските категории, за вреднување на работата и на успехот. И на крај пак се е само „мртва буква на хартија“ и политичка кампања.

А, пари има, не дека нема. Дури и за поезија. Не се знае ни кој пишува ни кој потпишува, ама битно се стимулира и се финансира.

Добредојдовте во земјата на шампионите и на корнишоните. Возете внимателно!

2.Се преврте ракометна Европа како на шега

Освен македонската поезија за млади и спорт, во првоаприлскиот викенд како шега изгледаа и неколку резултати во Лигата на шампионите. Фаворитите еден по друг испаѓаа од елитното друштво.

Рајн Некар Левен ја утна работата уште минатата недела со хазардерскиот потег за инает на ЕХФ кај Кјелце да оди со вториот тим. Па вчера загуби и со првиот, без шанса и мотив да се бркаат недостижните -24.

Филип Талески веќе го прежаливме што и годинава со „лавовите“ нема да го види Келн. Ама, ретко кој можеше да предвиди дека и Дејан Мансков со Веспрем ќе стигне само до осминафинале. А, да не правиме пак муабет за Борко Ристовски со Барселона. Не верувам дека некој би се обложил дека големата Барса ќе заглави во осминафинале, а за Ф4 ќе играат „второлигашите“ Скјерн и Монпелје.

Така од македонскиот квартет по елитните клубови, во игра за Ф4 во Келн остана само Кире Лазаров со Нант. И, нормално шампионски Вардар, да го „убие“ Кил во четвртфиналето и со стил да ја заврши шампионската приказна пред јунската „расходовка“.

3. Конструкција и реконструкција 

Од елиминацијата на Барселона во ЛШ, најмногу може да профитираат Романците, што пак за нас не е добра вест. Чави Пасквал без клупски обврски со Барса во ЛШ, може комплетно да им се посвети на селекторските со Романија во битката за пласман на СП преку јунскиот бараж против Македонија.

Контра ова лошо сценарио, пак стои фактот дека Македонија на клупата се уште го има Раул Гонзалес. „Ел команданте“ потврди дека може во исто време успешно да ги води и Вардар и Македонија.

Лани успеа. Годинава, се надеваме, ќе биде исто така.

Раул Гонзалес денеска ја има првата прозивка во неделата на ЕХФ. Во првиот собир после јануарското ЕП, а пред јунскиот бараж за СП, „ел команданте“ почнува и мала реконструкција во националниот тим. Русија „на затворено“ ќе биде првата проверка. Романија „на отворено“ во јуни ќе биде реалниот тест.

Се вчитува...