Седми едноподруго шампионски трофеј за шахистите на Алкалоид

Шахистите на Алкалоид сосема очекувано стигнаа и до 21-от свој шампионски трофеј во независна Македонија, а седми едноподруго, на 27. Екипен шампионат во шах кој изминативе денови се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга.

На првенството на кое учествуваа осум екипи, Алкалоид до круната стигна со 13 бода (шест победи и само едно реми) пред екипата на Гамбит Асеко која имаше 11 бода, додека на третото место заврши екипата на ШК Гостивар со 9 бода, колку што имаше и четвртопласираниот ШК Прилеп.

Шампионатот на Македонија беше убав тест за шахистите на Алкалоид и на Гамбит Асеко кои во октомври ќе не претставуваат на Европскиот клупски шаховски куп кој ќе се одржи во Порто Карас, Грција.

Со оваа шампионска титула на некој начин стартуваа и подготовките на ШК Алкалоид за Европскиот Куп. Покрај најдобрите македонски шахисти, стандардни членови на клубот, ВМ Трајко Недев, ИМ Филип Панчевски, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Дејан Стојановски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и ВМ Влатко Богдановски, дел од екипата се и четворицата велемајстори од светскиот врв кои ќе бидат во Порто Карас.

Се вчитува...