„Седум на шест“ не е тактика само за аутсајдери– Лекција од Лазаров за Николај Јакобсен!

Кире Лазаров по пензионирањето ќе остане запишан како еден од најдобрите ракометари во светската историја… Но, наспроти сето тоа повеќе од познато, неверојатно делува искуството и стручноста на македонскиот великан кога против себе го има, на пример, Николај Јакобсен, еден од најдобрите тренери на денешницата.

„Седум на шест“, согласно најголем дел од дефинициите, е тактика „смислена“ за послабите како би имале можност преку нејзина перфекција да дојдат до шанса за изненадување против големите фаворити. Затоа, изненадување беше кога вечерва Данска беше селекцијата која прва го извлече ова „оружје“ на дело. Јакобсен реши да се коцка при 12-9, реализираше еден напад, но потоа Данците згрешија, по што следеше беспрекорна реализација во мрежата со контранападот на Велковски на асистенција на Велковски. Дури и кога Данците погодуваа, Македонија беше подготвена, па со брз центар преку Талески и Стоилов ги исфрливме од ритам актуелните светски прваци.

Тоа што е вистински восхитувачки беше демонстрирано од спротивната страна. Новиот македонски селектор беспрекорно ги организираше нападите „седум на шест“ кои беа главно оружје на Македонија во второто полувреме. Дури и по краткиот пад на концентрацијата и примените голови во празна мрежа Кире Лазаров остана доследен на планот, со земениот тајамут ги смири страстите, а потоа повторно со играч повеќе ја разбиваше данската зона. Огромна улога тука одиграа пивотите Стоилов и Пешевски, секако капитенот Лазаров, но и бековите Миркуловски и Кузмановски, кои знаеја како да го искористат просторот што им се отвори.

Едно е сигурно, колку и да делуваше Македонија одлично денеска, дефинитивно се може уште подобро, кога Лазаров целосно ќе ја наметне својата ракометна филозофија врз помладите. Впрочем, тој и вети дека најдоброто од македонскиот национален тим можеме да го очекуваме на ЕП 2022, за кое пласманот е во голема мера осигуран со денешниот триумф!

Се вчитува...