Како никогаш досега во македонскиот фудбал, ФК Вардар и извршниот директор Миленко Неделковски, денеска со објавување документи, на смешен начин и по социјални мрежи, самоуверено тргнаа во директен судир со Фудбалската федерација на Македонија. Иако, се чини, притоа заборавајќи дека фудбалот не се игра само на трибини и по кафеани, туку согласно веќе поставените статутарни правила на кои и самите изминатава година во повеќе наврати толку гласно се повикуваа.
Неделковски изнесе документ од правен тим на ФК Вардар за оспорување на веќе почната дисциплинска постапка за скандалозната прослава на шампионската титула, за која, пак, од клубот и никогаш не се извинија. Само што, жалосно е што објавениот допис повеќе личи на политички памфлет отколку на сериозна правна аргументација. За моралната аргументација не треба ни да се дискутира!? И тука е најголемиот проблем. Не е прашањето дали некој ќе го добие спорот во јавноста преку разно-разни инфлуенсерски дописки, туку дали извршниот директор и клубот разбираат што значи да се отвора, на таков смешен начин, фронт против институцијата која го организира целиот систем!? Тие би требало најмногу да знаат!
Интересно, во последната година, од речиси сите страни, ФФМ беше обвинувана дека го „штити“ Вардар. Дека за Вардар важат поинакви критериуми. Дека кога другите клубови добиваат казни, кај „црвено-црните“ секогаш има простор за разбирање, компромис или тивко затворање на очите. И сега, иронијата да биде огромна, токму ‘привилегираниот клуб’, за кој најмногу се зборуваше, денес се претставува како жртва на системот.
Затоа се поставува прашањето, дали раководството на Вардар, односно првиот човек Миленко Неделковски свесно отвора „војна“ со ФФМ и претседателот Масар Омерагиќ? Посебно, ако е добро познато, низ изминатава година од доаѓањето на новото раководство на ФФМ предводено од Омерагиќ, дека токму во битката со девијациите кај колективите или пооделните актери во фудбалската игра, било на терен или надвор од него, нема компромис.
Затоа што, кога јавно ќе ја оспориш надлежноста на Федерацијата, кога ќе испратиш порака дека правилниците не важат за тебе, тогаш не водиш само дисциплински спор, туку институционална војна. Посебно, веројатно, тоа треба да важи за Вардар, кој и тоа како треба да биде пример за се во македонскиот фудбал.
АГРЕСИВНИОТ ПРИСТАП – ДАЛИ НЕДЕЛКОВСКИ МИСЛИ ДЕКА Е ПОГОЛЕМ ОД СИСТЕМОТ И ОД ФК ВАРДАР!?
Јасно е дека размислувањето кај клубовите секогаш било дека агресивен пристап ќе донесе поддршка кај навивачите. Веројатно така е и со Миленко Неделковски!? Со напади и навреди врз се живо во македонскиот фудбал изминатава година, па сега и кон ФФМ, создавање атмосфера – „сите се против Вардар“. Но, тука постои опасна замка. Кога премногу долго живееш во медиумски конфликт, почнуваш да мислиш дека секоја битка се добива со гласен настап, сарказам и провокација. А институциите, сакал некој или не, не функционираат така. И не треба да функционираат така.
Особено е проблематично што место смирување на ситуацијата, признавање на грешката која ФК Вардар ја направи со онаа срамна прослава, од Миленко Неделковски се оди повторно на максимална конфронтација. Место објаснување и извинување, добиваме закани со правни толкувања. Место самокритика, добиваме напад врз федерацијата. И тоа во момент кога на македонскиот фудбал најмалку му треба нова поделба, нова омраза и нов циркус.
Вардар е премногу големо име за да се однесува како клуб што ужива во хаос. Историјата на клубот заслужува чест и достоинство, а не постојана војна со сите околу себе. И затоа ова веќе не е прашање дали ФФМ има право да отвори постапка. Прашањето е дали раководството на Вардар разбира дека со вакви потези, кои се дополнување и на онаа непримерна прослава, ризикува повторно да го оттурне клубот во изолација. И спортска и институционална!
Во целата приказна, најопасно е чувството на недопирливост. А токму тоа испливува од јавните настапи на Миленко Неделковски веќе подолго време. Верувајќи дека е поголем од системот, но и поголем од ФК Вардар и неговата историја. А, историјата само покажала дека кога било кој поединец ќе се замисли поголем од колективот – единствено штети на колективот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
