Сега е и официјално: Црвена Звезда – Милан ќе се игра без публика на трибините

Првиот натпревар од 1/16 финалето од Лигата на Европа меѓу Црвена Звезда и Милан дефинитивно ќе биде одигран без публика, соопштија вечерва српските здравствени власти ставајќи крај на дилемите дали во последен момент би можело да биде дозволено присуство на навивачи на стадионот на „црвено-белите“. За потсетување, УЕФА дозволи присуство на навивачи со 30% од капацитетот на стадионот, но само со дозвола на државните власти и одговорните тела во борбата против коронавирусот.

Откако оваа точка не се најде на дневниот ред на Кризниот штаб во изминатата седмица, „црвено-белите“ испратија и писмо со барање до претседателот Александар Вучиќ да реагира и да дозволи отворање на дел од трибините.

Сепак, вечерва крај на сите дилеми на оваа тема стави членот на Кризниот штаб во борба против Covid-19, епидемилогот Предраг Кон.

„Не можеме да дозволиме никаков собир, па така и на овој фудбалски натпревар бидејќи епидемиолошката слика во последните денови е влошена, особено на територијата на Белград. Во една таква ситуација е невозможно да биде дозволен собир на илјадници луѓе, тоа е став на медицинскиот дел од Кризниот штаб и тој нема да се промени“, изјави Кон за „Блиц“.

Се вчитува...