Сејдини: Честитки за нашите репрезентации, одлична организација на натпреварите

Фудбалската федерација на Македонија изразува благодарност кон сите што беа вклучени во организација на натпреварите на македонската А репрезентација и македонската селекција до 21 година.

„Поставивме високи стандарди кои се однесуваат на епидемиолошките мерки и упатуваме благодарност, пред сѐ, затоа што сите ги почитуваа мерките и препораките од здравствениот протокол. Навистина е штета што публиката и навивачите на македонската репрезентација не можеа во живо да ги гледаат натпреварите против Шпанија и Ерменија, но мораме да бидеме одговорни и во целост да го спроведуваме државниот здравствен протокол, сѐ со цел најскоро што може да се вратиме на нормалниот живот.

Навистина сме горди на нашите две репрезентации, на фудбалерите, стручниот штаб и сите кои се вклучени во работата на репрезентациите. Покажаа одлучност, самодоверба и почит кон дресот на македонската репрезентација. Честитки за остварените резултати и се радуваме на следните предизвици.

Фудбалската федерација на Македонија, исто така, во рамки на своите можности и се разбира доколку тоа од нас го побараат одговорните од Националната арена „Тодор Проески“ ќе се стави во функција за подобрување на квалитетот на теренот на Националната арена, иако сосема ни е јасно дека во услови на многу натпревари и тренинзи во краток временски период, луѓето кои се одговорни за одржување на теренот дадоа сѐ од себе за негово одржување. Напред Македонија!“, се вели во обраќањето на претседателот Муамед Сејдини на офицјалниот сајт на ФФМ.

Се вчитува...