Сејдини од Конгресот на УЕФА: Задоволни сме што сите федерации добиваат рамноправност на европско ниво!

Во Рим е одржан 43. Конгрес на УЕФА, на кој Александар Чеферин доби нов четиригодишен мандат да биде на чело на Европската фудбалска асоцијација.  Фудбалската федерација на Македонија на Конгресот во главниот италијански град ја претставуваа в.д. претседателот, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.

В.Д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини на Конгресот во Рим му го честиташе новиот мандат на Александар Чеферин.

„Му честитам на Александар Чеферин за новиот мандат на чело на УЕФА. Во работата, проектите и натпреварувањата на УЕФА сите федерации добиваат рамноправност и еднаквост каква што заслужуваат и тоа треба да го респектираме. Интегритетот, транспарентноста и позитивниот имиџ мора да останат важен или клучен дел од европскиот фудбал. Посакувам претседателот на УЕФА, Александар Чеферин да продолжи да го промовира фудбалот на највисоко ниво и во таа насока му посакуваме многу среќа и успех“ – изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Новиот мандат да биде претседател на УЕФА, словенецот Александар Чеферин го доби со акламација и ќе ја предводи УЕФА до 2023. година.

„Горд сум и навистина почестен од ваквата поддршка. Како УЕФА вистина е дека сме во одлична позиција, но тоа не е доволно. Мораме однапред да мислиме на развојот на фудбалот и идниот успех. Ќе ја исполниме зацртаната стратегија, а низ единство и заедничка работа со Асоцијацијата на клубовите нема да отстапуваме од основното начело, а тоа е спортскиот резултат. Ве повикувам да работиме заедно се со цел да осигураме дека европскиот фудбал ќе остане обединет, дека европскиот фудбал ќе остане почитуван, ќе продолжи да покажува солидарност и да носи надеж“ – рече Александар Чеферин.

Се вчитува...