Секој нов ден, нов потпис во Веспрем

Веспрем е најактивниот ракометен клуб кога станува збор за формирањето на ростерот за наредната сезона, откако унгарскиот првак веќе четврти ден во низа информира за заминување или потпис на нов договор. Кентан Мае е ракометарот кој денеска и офифицијално потпиша нов договор со Веспрем, со што францускиот репрезентативец ќе остане член на овој клуб најмалку до јуни 2023 година.

Мае се мачеше со незгодни повреди во претходните две години, но во Веспрем сепак веруваат во квалитетите на овој универзален ракометар, кој настапува на бековската позиција, но по потреба одлично се снаоѓа и како лево крило. Мае досега има одиграно 79 натпревари за Веспрем, притоа постигнувајќи 238 погодоци.

Унгарскиот првак пред неколку дена објави дека на крајот од сезонава ќе се раздели од норвешкиот десен бек Тонесен, кој ќе се пресели во Пик Сегед. Еден ден подоцна Веспрем го официјализираше потписот на новиот договор со Омар Јахија, по што беше објавено и продолжувањето на соработката со Расмус Лауге.

Се вчитува...