Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, добил понуда од унгарскиот прволигаш Ујпешт, каде во минатото настапуваше Енис Барди, но ја одбил за да ја одведе и да учествува со националниот тим на Европското првенство, пишуваат медиумите во Унгарија. Македонија избори плејоф во Лигата на нации и ја очекува полуфинална пресметка со Косово, а доколку победи и финален меч против подобриот од вториот полуфинален дуел во групата Д меѓу Грузија и Белорусија.
Минатиот месец Ангеловски добил понуда да го наследи сегашниот тренер на Ујпешт, Небојша Вигњевиќ, но одговорил дека е под договор со Фудбалската федерација на Македонија и дека воопшто не сака да преговара затоа што негов сон е да ја одведе националната репрезентација на Македонија на Европското првенство.
Во меѓувреме, Европското првенство е одложено за една година и ќе се игра во јуни 2021, а се уште нема официјален датум ниту кога ќе се игра плејофот во Лигата на нации и дуелот со Косово, кој првично беше закажан за 26.март, а потоа поради пандемијата на коронавирусот и одложен за јуни. Сепак, многу веројатно е дури и да не се игра до крајот на оваа година. Селекторот Игор Ангеловски има договор со Фудбалската федерација на Македонија до 31 декември 2020 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА