Лазаров ден по дуелот во Злин: Сега нашите верни навивачи да ни бидат ветер во грб на патот до СП!

Македонскиот селектор Кире Лазаров откако се сумираа впечатоците од вчерашниот натпревар во Злин против Чешка во баражот за пласман на СП, вели дека не може да не биде задоволен од изданието на неговите избраници во ремито (24-24) со фаворитот иако останува тагата поради пропуштената предност од седум гола и можноста да се однесе победа пред реваншот.

Сепак, Лазаров верува дека со силна поддршка од македонските навивачи, кои очекува да бидат ветер во грб за репрезентативците, ќе се успее да се обезбеди настап на Мундијалот.

„Воопшто не сум тажен поради ова реми со една селекција како Чешка на гостински терен, затоа што видов игра, однос на терен, борба, желба и квалитет… Единствено многу ми е жал само за момците кои гледам дека уште се тажни. Затоа што заслужија победа а не и се израдуваа на крај. Тажни се само поради резултатот, а не поради играта која навистина беше на високо ниво, со колективот во преден план онака како што треба против една европска селекција“ – вели македонскиот селектор, кој како значајна алка на патот до остварување на желбата за пласман на Светското првенство сега за реваншот ја гледа и поддршката од трибините во СЦ Борис Трајковски во Скопје.

„Сега сакаме публиката да биде наш ветер во грб на реваншот во Скопје. Добар е можеби овој резултат од Злин и од аспект да не држи будни, присебни и желни да дојдеме до успехот затоа што далеку дека нешто е завршено. Треба добро да се подготвиме за реваншот и со ладни глави да пристапиме на дуелот со далеку поголема агилност и во нападот и во одбраната ако сакаме да се пласираме на Светско првенство“ – истакнува Кире Лазаров.

Реванш натпреварот од баражот за пласман на СП меѓу Македонија и Чешка се игра во недела (17. април) со почеток од 19 часот во СЦ Борис Трајковски во Скопје.

Се вчитува...