Селекторот на македонската репрезентација Боби Милевски изминативе денови беше подложен на хируршка интервенција по која извесен период за предводникот на националниот тим следи рехабилитација пред враќање на обврските од 1. јули во подготовката за септемврискиот старт на Лигата на нации.
Милевски имаше артроскопија на менискусот на коленото, која успешно ја реализираше др. Небојша Настов од клиничката болница „Св.Наум Охридски“.
„Подолг период траеја проблемите со коленото, поради што, по консултации со др. Настов сега веќе беше неизбежна хируршката интервенција. Мора да искажам огромна благодарност до др. Настов и целиот негов тим за успешната интервенција и целокупниот третман. Веќе првиот ден од операцијата бев на нозе што доволно зборува за начинот на кој беше завршен целиот процес. Сега следи извесен период на рехабилитација, пред враќањето на професионалните обврски“ – вели селекторот Милевски.
Македонската репрезентација со гостувањето против Фарските острови на 7. септември ја почнува новата сезона во Лигата на нациите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА