Селекторот на Естонија ги „измеша лончињата“ напаѓајќи ја Македонија: „Салата е мечкина дупка, од чад од цигари не се гледа кошот!“

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 19 часот во СРЦ „Кале“ против Естонија го стартува квалификацискиот циклус за пласман на Евробаскетот 2025.

И тоа како добар познаник за Македонија поради кој националниот тим го пропушти учеството на претходното европско првенство, по поразот од Естонците во Скопје. Јасно е дека избраниците на Александар Јончевски силно посакуваат почеток со позитивен резултат, но факт е и дека Естонија има силен евролигашки состав кој знае што сака на терен.

Дека во Скопје се допатувани по победата очигледно е и по изјавите на естонскиот селектор Јука Тојала кој наоѓа разно-разни начини да ги мотивира своите кошаркари, па дури и ако притоа малку ги „измешал лончињата“.

Тојала во изјава за естонските медиуми истакна дека се сеќава на натпреварот против Македонија во квалификациите за ЕП 1997 од пред 29 години, и ужасните услови кои ги имале за време на натпреварот во Скопје.

„Веќе сум бил во оваа сала во која ќе играме сега, и во 1995 година. Тоа е страшно нешто, тоа е вистинска мечкина дупка. Бев болен па останав на клупата цел натпревар не одигрувајќи ниту една минута, но верувајте и тоа како се сеќавам дека од чадот од цигари не можев да го видам кошот кој се наоѓаше на спротивната страна. Ете такви услови има за игра во салата во која ќе играме“ – вели Тојала за естонските медиуми, притоа очигледно се уште не сфаќајќи дека не се работи за истата сала.

Македонија и Естонија тогаш за ЕП 1997 играа во салата „Градски парк“, а денеска ќе играат во СРЦ „Кале“. На тој меч пред 29 години Македонија беше предводена од Благоја Георгиевски – Буштур, а Петар Наумовски постигна 40 поени. На крај Естонија по две продолженија славеше со 94-102, во меч во кој Македонија на полувреме имаше предност од 53-33.

Се вчитува...