Селекторот на Естонија: Не очекува пекол во Скопје, со Македонија секогаш е дилема со кој странец ќе настапи

Почетокот на квалификациите за Евробаскетот 2025 година за македонската кошаркарска репрезентација носи домашен натпревар против Естонија која во последните години се наметна како тежок противник за најдоброто од македонската кошарка.

За натпреварот кој ќе биде одигран на 23. февруари со почеток од 19 часот во СРЦ „Кале“ Естонците ќе може да сметаат на полн состав со два евролигашки и седум други кошаркари кои се натпреваруваат во Шпанија, Германија, Италија, Полска и Белгија па јасно е дека пред нашите сениори е нов тежок предизвик за кој ќе биде потребна и поддршка од трибините за која стравува и естонскиот селектор.

„Македонија во ростерот има познати лица, но кога и да играме со нив постои една дилема – кој странски кошаркар ќе не очекува овој пат. На списокот сега има двајца такви – Ти-Џеј Шортс против кој игравме во Талин изминатото лето и ново име во Итан Хап. Хап е играч кој е се поблиску до евролигашко ниво. Ние ќе бидеме подготвени и за двете опции. Како и да е, секој натпревар во Македонија е предизвик бидејќи играат во мала сала. Атмосферата никогаш не е лесна за гостите и затоа мора да бидеме подготвени и тактични и ментално. Имаме искусни кошаркари и мислам дека сме подготвени за тоа“, изјави Јукa Тоијала.

Овој натпревар е од голема значајност за исполнување на амбициите на Македонија за пласман на континенталниот собир.

Се вчитува...