Селекторот на Израел: Шансите со Македонија се 50-50, навивачите ќе се важен фактор за нас

Селекторот на Израел, Енди Херцог не ја прифаќа фаворитската улога на неговата репрезентација пред квалификацискиот натпревар со Македонија кој се игра во четврток (5. септември) во Бер Шева.

Херцог потенцира дека шансите за триумф на мечот се подеднакви за двете селекции, притоа потенцирајќи позитивна оценка за играта на македонската репрезентација.

„Шансите со Македонија со 50-50. За нас публиката, навивачите ќе бидат важен фактор. Со нивна помош тогаш верувам можеме до посакуваната цел“ – вели Херцог и дополнува:

„Ние сме на втората позиција на табелата и сакаме тука да останеме и по мечот со Македонија. Може да победиме ако одиграме како оној половина час одличен фудбал против Полска. Но, сега ќе мора да одиграме 90 минути ако сакаме триумф. Добро ја анализиравме Македонија и може да кажам дека имаат навистина опасен напад. Но, оптимист сум. Не сме фаворити но секако одиме на победа“.

Македонската репрезентација од денеска се сели во Израел, каде наредните два дена до натпреварот ќе се подготвува во својата база во Ашдод.

Се вчитува...