Селекторот на Црна Гора по ЕП: Ако ова е неуспех, јас ќе си заминам со крената глава…

Црна Гора важеше за едно од најпријатните изненадувања во првата фаза на ЕП 2022, потоа ја почна главната фаза со извонредна победа над Хрватска, но Црногорците потоа го нарушија впечатокот со поразите во последните три меча од шампионатот.

Конечниот пласман – единаесетто место на ЕП 2022 е најдобар за оваа селекција на големите натпреварувања, но дел од јавноста го критикуваше селекторот Рогановиќ и неговите избраници за прикажаното во поразите од Холандија и од Исланд.

„Јас сум одговорен за резултатите, за секој неуспех, а ако некој сака овој наш резултат така да го претстави и да направи бура во јавноста, слободно може да го стори тоа. Јас немам никаков проблем, од првиот меч го носам товарот и така и ќе продолжам. Ако некој мисли дека треба да си заминам, ќе се спакувам и ќе се повлечам со крената глава. Ние го исполнивме она што го ветувавме – пласман во втората фаза во која никој не веруваше пред шампионатот. Сигурно можевме и уште подобро, но со некои работи не можевме да се избориме. Резултатот е тој, дали луѓето ќе бидат задоволни, не зависи од мене, туку од нив. Едно е јасно, оваа репрезентација во иднина ќе направи големи работи, дали со мене како селектор или со некој друг тоа е најмалку важно. Она што е важно е што добивме нови јунаци со кои Црна Гора ќе се гордее во иднина“, изјави Рогановиќ.

Се вчитува...