Селекторска бура, па молк од МКФ за Давитков!

Мина повеќе од една седмица од прес-конференцијата во Македонската Кошаркарска Федерација на која се дискутираше околу прекинот или продолжувањето на соработката со селекторот Јорданчо Давитков. Претседателот Наумоски е со намера да направи смена на кормилото на националниот тим, па како изговор послужи должината на подготовките за кои селекторот (кој има и клупски ангажман во Кувајт) може да биде присутен, без притоа да се погледнат правилата на ФИБА кои не даваат зелено светло за подолги подготовки кога станува збор само за две квалификациски средби.

Самиот Давитков истакна дека кај него постои желба да остане, во комуникацијата со клубот се изборил за дополнителни пет дена присуство во Македонија, но бројката од 25 сепак е далеку од оние 35 што си ги има зацртано раководството на МКФ. Тогаш и двете страни најавија брзо решение во интерес на кошарката и репрезентацијата, но мина и осмиот ден со молк од страна на Наумоски, кој ќе треба да пресече и да ја донесе конечната одлука.

„Искрено, не знам буквално ништо. Од таа прес-конференција немам разговарано со раководството, ниту пак ми е соопштено кои се плановите на МКФ“ – истакнува селекторот Јорданчо Давитков.

Едно е јасно, време за размислување има се помалку, ако се знае дека според плановите на МКФ подготовките ќе треба да стартуваат во првата половина од август. И затоа мора да се пресече, час поскоро, без многу чекање и тактизирање, откако веќе сосема непотребно се направи „селекторска бура“ среде лето.

Се вчитува...