Семења ќе го блокира правилото за намалување тестостерон во атлетиката

Олимписката и светската шампионка на 800 метри, Кастер Семења, најави дека ќе се бори против новото правило што го воведе Светската атлетска асоцијација за поделба на атлетичарките според нивото на тестостерон во нивното тело. Според новата регулатива, Јужноафриканката ќе биде принудена да зема лекови за да го намали тестостеронот, бидејќи според ИААФ, повисокото ниво на овој хормон и давал нефер предност во однос на конкуренцијата.

„Јас сум Мокгади Кастер Семења, жена сум и брза сум. Ова не е фер, само сакам да се натпреварувам на природен начин, како што сум родена“ – изјави Јужноафриканката најавувајќи ја блокадата на новото правило.

Новото правилото, кое треба да стапи на сила од 1 ноември оваа година, атлетичарките ќе мора медицински да го намалуваат нивото на тестостеронот или да менуваат дисциплини, дури и да се натпреваруваат во конкуренција со мажи. Ова правило важи за трките од 400 метри и подолги патеки.

Тестостеронот е хормон кој ја зголемува мускулната маса, силата, како и хемоглобинот, и поради сето ова значително е зголемена издржливоста.

Адвокатската фирма која што ја застапува Семења најави дека процедурата пред Арбитражниот суд во Лозана ќе ја почне в понеделник.

Семења која што е двојна олимписка шампионка е постојано во контроверзи, уште откако во 2009 година како тинејџерка триумфираше на Светското првренство и привлече внимание. Во тој период имаше отворени прашања дури и околу нејзиниот пол.

Властите во Јужна Африка го нарекоа новото правило расистичко и дека е класично „ловење вештерки“ во атлетиката.

 

 

Се вчитува...