Сензација: Баерн загуби во Минхен од тим што цела сезона немаше победено на гостински терен

Баерн Минхен загуби значајни три бода во трката за бундеслигашката титула откако баварците загубија на домашен терен од Вердер со 0-1. Фаворитската улога не беше оправдана на теренот, баварците не можеа да влезат во посакуваниот ритам, а за таквиот пристап беа казнети од Мичел Вајсер. Сензацијата е уште поголема ако се знае дека Вердер цела сезона нема победено ниту еден ривал надвор од Бремен, но вечерва успеа да го земе скалпот на шампионот на „Алијанц Арена“.

Вердер имаше стопроцентна шанса во првото полувреме кога Нојер го спаси Баерн, една минута подоцна гостите постигнаа и гол за водство што беше поништен со ВАР поради прекшрок врз Мусиала при претходната акција на баварците. Баерн имаше повеќе од поседот, но се мачеше да креира стопроцентна шанса. Затоа пак Вердер ја искористи првата ситуација во второто полувреме, Вајсер одлично се ослободи од Дејвис, а потоа мајсторски го совлада Нојер со силен удар под гредата.

Очекувано, Баерн тргна во тотална офанзива во финишот, домаќините два пати го погодија дирекот, но денеска ниту среќата не беше на нивна страна, па Тухел и неговите избраници со наведнати глави го напуштија теренот.

Овој пораз значи дека Баерн се уште заостанува со седум бода зад лидерот Баер Леверкузен, но сега само со еден меч помалку во однос на „фармацевтите“.

Се вчитува...