Сензација кај „фуријата“: Давид Вилја повикан во репрезентацијата!

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Хулен Лопетеги одлучи да го врати Давид Вилја назад во националниот тим за претстојните квалификациски натпревари за СП 2018. Искусниот голгетер, кој во својата 35-та година повторно ќе го облече дресот на „црвената фурија“, последен натпревар за Шпанија одигра на 23. јуни 2014 година, во триумфот од 3-0 над Австралија во групната фаза од СП.

На 2. септември Шпанија ќе ја пречека репрезентацијата на Италија на „Сантијаго Бернабеу“, а три дена подоцна ќе гостува кај Лихтенштајн.

Овој повик од селекторот не е по случаен избор, Шпанија има доста квалитет во напаѓачките опции, но Вилја е во животна форма во американската МЛС лига и сосема заслужено се враќа во националната селекција. Со 19 погодоци и 4 асистенции на 24 натпревари, 35-годишниот голгетер е вистински лидер на Њу Јорк сити. Меѓу причините за повикот е и отсуството на Диего Коста, кој нема тренирано цели три месеци, па Лопетеги мораше да го отстрани од тимот.

Двократниот европски првак ќе има шанса да го поправи својот рекорд по број на голови. На 26. март 2011 година, беше двоен стрелец за Шпанија против Чешка, и така го помина Раул на вечната листа на најдобри стрелци во историјата на шпанскиот фудбал. Освојувачот на Мундијалот од 2010 година, во својата кариера постигна вкупно 59 гола на 97 натпревари за „фуријата“.

Се вчитува...