Сензација на годината: Ѓоковиќ елиминиран од турнирот во Монте Карло

Ден Еванс го приреди најголемото изненадување на тениските турнири од почетокот на 2021 година откако попладнево го зеде скалпот на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ на Мастерс-турнирот во Монте Карло. Британскиот тенисер одигра одлично, не му дозволи на Србинот да  влезе во посакуваниот ритам и со триумф од 6-4, 7-5 ја запре серијата од десет победи на Ѓоковиќ од стартот на оваа календарска година.

Интересно, Еванс до стартот на овој турнир четири години немаше триумф на мастерс-дуел на земјена подлога, тој оваа долга серија ја прекина со триумф над Душан Лајовиќ, за денеска да одигра маестрално и против Ѓоковиќ, земајќи го скалпот на првиот светски рекет.

Ѓоковиќ вината мора да ја бара во сопственото потпросечно издание, Србинот само во првиот сет имаше дури 23 неизнудени грешки, бројка што доволно говори за неговиот очаен настап. Тој искористи само три од десетте брејк-топки што ги имаше, Еванс имаше пет брејка од вкупно седум обиди, за комплетирање на најголемата сензација во светскиот тенис во 2021 година.

Се вчитува...