Сензација од Каталонија: Тиери Анри, нов тренер на Барса?

Ернесто Валверде многу тешко ќе ја преживее кризата на Барселона, а каталонските медиуми тврдат дека веќе е избран и неговиот наследник на клупата на гордоста на Каталонија, и тоа поранешниот голгетер на оваа екипа, Тиери Анри. Претседателот Бартомеу во јавност му искажа доверба на Валверде, но и на тренерот и на првиот човек на клубот им е јасно дека соработката ќе биде прекината доколку наскоро не се влезе во победничка серија. А тоа нема да биде нималку лесно ако се знае дека во следните три кола Барса ја очекуваат дуели со Валенсија, Севилја и со Реал Мадрид, како и пресметки од Лигата на шампионите со Тотенхем и со Интер.

Директорот на Барселона, Ерик Абидал, е голем пријател со Анри, своевремено заедно настапуваа за Барса, па сега стапил во контакт и за преземање на клупата на каталонскиот гигант. Французинот летово одби неколку понуди од помали клубови, но јасно е дека предизвикот да се седне на клупата на Барселона и да се биде тренер на Лионел Меси е премногу добар за да биде одбиен.

Анри во моментов е прв асистент на Роберто Мартинез на клупата на белгиската репрезентација, но доколку се договори со Барселона веднаш ќе ја напушти оваа функција. Според каталонските медиуми, тоа може да се случи и на почетокот од наредната седмица, доколку Барса не стигне до цел плен на гостувањето против Валенсија.

Се вчитува...