Сензација: Работнички падна во Куманово!

Куманово е тимот што може да се пофали дека прв го земал скалпот на Работнички сезонава, откако Александар Петровиќ и неговите избраници по огромна битка славеа над лидерот на табелата со 83-82. Кумановци одиграа феноменален натпревар, се вратија од „минус 16“ и на крајот сосема заслужено се радуваат на победата, стигнувајќи до триумф над голем ривал откако за малку им побегна такво нешто на гостувањето против МЗТ во првото суперлигашко коло.

Првите десетина минути не најавуваа неизвесност, откако гостите тргнаа фуриозно. Работнички ја доби првата четвртина со 12-24, а потоа по неколку минути игра во вториот период имаше и предност од 15-31. Кумановци покажаа карактер, па успеаја да се вратат и пред крајот на полувремето намалија на само три поени разлика, пред Гинјард со тројка да ги постави конечните 38-44 по 20 минути игра.

Избраниците на тренерот Петровиќ во второто полувреме успеаја и да го свртат резултатот во своја полза, но во клучните моменти немаа одговор за Мираковски. Одличниот плејмејкер на Работнички погоди три тројки во серија, а потоа имаше и клучно положување за водство од 79-82 на триесетина секунди до крајот. И кога се очекуваше триумф на гостите, најпрвин Јанески намали на 81-82, за потоа Работнички почетнички да ја загуби топката, а Штерјов да реализира за еуфорија меѓу домашните играчи и навивачи.

Јанески со 27 поени беше прв играч во победничкиот тим, каде Караколев постигна 15, а Штерјов 14 поени. Кај Работнички најдобри поединци беа Мираковски со 20 и Еванс и Гинјард со по 14 поени.

Се вчитува...