Сензација: Црвена звезда го потопи Ливерпул

Црвена звезда приреди огромно изненадување во првиот натпревар од четвртото коло во Лигата на шампионите, успевајќи да слави со 2-0 на дуелот со Ливерпул. Актуелниот европски вицешампион пред две седмици на „Енфилд“ ја декласираше Црвена звезда со 4-0 и сличен епилог се очекуваше и денеска, но избраниците на Клоп потфрлија, па заслужено капитулираа пред далеку помотивираните домашни фудбалери. Стариџ имаше идеална шанса промашувајќи зицер од пет метри при резултат 0-0, по што Павков со два брзи гола донесе еуфорија на стадионот „Рајко Митиќ“.

Гостите делуваа шокирано, па дури и откако во второто полувреме влезе Фирмино, а потоа и Ориги, безидејноста во нападите проолжи, па поразот беше неизбежен. За немоќта на Ливерпул најдобро говори податокот дека гостинскиот тим упати само три удари во рамките на противничкиот гол, од кои два во судиското продолжение од второто полувреме.

За Црвена звезда ова е уште еден херојски резултат во „групата на смртта“, откако тимот со најмал буџет во ЛШ во првото коло на домашен терен ремизираше со Наполи.

Изненадувачки беше и резултатот на вториот натпревар што стартуваше во 18.55 часот, откако Бриж како гостин го совлада Монако со 0-4. Мечот беше решен за 24 минути, колку што им требаше на гостите од Белгија да постигнат три гола преку Ванакен (два) и Весли, уште повеќе зголемувајќи го притисокот врз Тјери Анри по очајниот старт на тренерската кариера на француската фудбалска легенда. Конечните 0-4  ги постави Вормер во 85. минута.

 

Се вчитува...