Сензација во АБА: Задар го зеде скалпот на Црвена Звезда

Задар го приреди најголемото изненадување од стартот на сезоната во АБА-лигата откако хрватскиот претставник на гостински терен го зеде скалпот на шампионот Црвена Звезда, славејќи со резултат 96-98. Сензацијата е уште поголема ако се знае дека до неа Задар стигна без помошта на Лука Божиќ, па дури и без својот најдобар кошаркар успеа да ги шокира „црвено-белите“ среде Белград.

Хрватите уште од самиот почеток најавија дека се подготвени за борба, добивајќи ја првата четвртина со 19-27, а потоа и заминувајќи на одмор со двоцифрено водство од 41-52. Црвена Звезда се разбуди дури во последните десет минути во кои „црвено-белите“ постигнаа дури 30 поени (30-21), но и тоа беше недоволно за да се избегне поразот. Иако победата на Задар е минимална, таа не беше доведена во прашање бидејќи Црвена Звезда намали на само два поени негатива во последните секунди, со  тројката што ја постигна Бентил, без шанса за целосен камбек во завршницата.

Џордано со 23, Дрежњак со 22 и Рамљак со 20 поени беа предводници на Задар во оваа сензационална победа, додека кај Црвена Звезда најефикасен вечерва беше Бентил со 19 поени.

Се вчитува...