Сензација во ЕХФ Лигата на Европа: Гранолјерс оди на Ф4, Фленсбург е „во аут“

Шпанскиот прволигаш Гранолјерс го приреди најголемото изненадување во четвртрфиналето од Лигата на Европа на ЕХФ, елиминирајќи го германскиот гигант Фленсбург. Гранолјерс имаше еден гол предност од првиот меч во Шпанија, но допатува како голем аутсајдер на денешното гостување. А вечерва се случи чудо, откако ракометарите на Гранолјерс на гостински терен го елиминираа поранешниот европски првак, со убедлива победа од 27-35. Младиот Нигериец Јусуф одигра извонреден меч постигнувајќи девет гола, со што беше најзаслужен за феноменалната победа на Гранолјерс.

Дел од завршниот турнир во ова натпреварување ќе биде и Фуксе Берлин, кој по голема битка славеше над Шафхаузен со 30-24, надополнувајќи ги четирите гола негатива од првиот натпревар во Германија. Гидсел беше фантастичен во победничкиот тим со десет постигнати погодоци, а останува да се види колку е сериозна повредата што ја заработи голманот Милосављев, кој притоа доби и црвен картон, но имаше и очигледен проблем со скочниот зглоб и дефинитивно ќе мора да мине извесно време надвор од терените.

Покрај Берлин, Германија ќе има уште еден претставник на овој фајналфор, екипата на Гепинген која и на вториот меч беше подобра од хрватски Нексе, овојпат на гостински терен во Нашице со 27-31.

Последен патник на Ф4 е францускиот прволигаш Монпелје, кој славеше со 31-30 на домашен терен над Спортинг, пласирајќи се на фајналфор со само еден гол предност откако првиот дуел во Португалија заврши без победник. Монпелје имаше водство од 31-28 на две минути до крајот, Спортинг успеа да се приближи, но не и да избегне пораз на овој натпревар. Бос со седум и Скубе со шест погодоци беа најдобар поединци во победничкиот тим.

Се вчитува...