Сепак, повредата е сериозна: Адеми паузира неколку месеци!

И покрај првите прогнози дека Аријан Адеми нема да паузира долго, сепак, играчот од средниот ред на Динамо Загреб и на македонскиот национален тим ќе биде отсутен на долг период.

Вчера Адеми пристигна во Загреб и правеше лекарски прегледи, а денеска тренерот на „модрите“ Дамир Крзнар пред мечот со Ријека, најави дека Македонецот ќе го нема неколку месеци.

„Адеми го загубивме на долг период. Неговата повреда е таква што ќе мораме да бидеме без него неколку месеци“, рече Крзнар.

Адеми се повреди на дуелот Македонија – Германија во првиот дел, откако беше нагазен од Каи Хаверц. Мораше да го напушти теренот, а за жал најлошите прогнози се остварија. Тоа ќе значи дека Адеми ќе го нема за македонската репрезентација во ноемврискиот циклус, односно на последните два меча против Ерменија и Исланд.

Се вчитува...