Септември ни „скрати“ четири бода: Битка со Ерменците и Романците до последното коло!

Факт е дека македонската репрезентација, ако се погледнат изданијата во септемвриските квалификации, не може да биде задоволна од освоените само три бода од трите одиграни натпревари пропуштајќи одлична можност за запоседнувањето на второто место во Групата Ј пред финалните четири одлучувачки дуели за пласман на СП 2022.

Благоја Милевски донесе комплетна тактичка промена во играта на националниот тим кој сега очигледно игра отворено агресивен фудбал, но „импотентен“ во финалната завршница што и не чинеше најмалку уште четири бода од трите дуели. Македонија ги надигра на терен и Ерменија и Исланд и Романија, па токму поради тоа останува разочарувањето од пропуштената можност и за резултатскиот ефект.

Јасно е, и покрај се, дека Македонија и по септемврискиот собир останува активно во трката за второто место во групата кое носи бараж за место на Мундијалот во Катар. Ерменија и Романија се директните конкуренти за втората позиција.

Погледнувајќи ги последните четири натпревари на секоја од трите селекции и тоа како неизвесна битка ќе има до последното коло во битката за СП 2022. Македонија на гости ќе игра против Лихтенштајн и Ерменија, а дома ги очекува Германија и Исланд во последното коло. Најтежок распоред, се чини, ќе имаат Ерменците кои имаат две незгодни гостувања со Исланд и со Романија, а на домашен терен во одлучувачки мечеви против Македонија и Германија.

Новиот македонски селектор Благоја Милевски по именувањето потенцираше дека фокус на оваа генерација и зацртан проект е пласманот на ЕП 2024, но останува фактот дека можноста и за пласман на Мундијалот во Катар и тоа како мора да опстојува како амбиции на националниот тим до крајот на квалификацискиот циклус.

Се вчитува...