Серафимов: Алкалоид игра брз и модерен ракомет, секој ден сме се подобри

Новајлијата РК Алкалоид е вистинско освежување сезонава во ракометната суперлига на Македонија. Тимот предводен од Кирил Лазаров кој е на „македонски погон“ стартуваше феноменално во новата сезона во која досега забележа само еден пораз и тоа во неверојатно израмнет меч против големиот фаворит Вардар.

Еден од предводниците на овој млад тим составен само од домашни играчи е Мартин Серафимов кој досега игра одлична сезона. Во последниот меч против Охрид постигна 12 погодоци и го водеше својот тим до нов триумф. „Фармацевтите“ сега ги очекува дуел со Вардар, а Серафимов за ЕКИПА.МК направи мал рекапитулар на сезоната и за очекувањата од нејзиното продолжение.

„Сезоната од првиот дел влегува во завршна фаза па така и РК Алкалоид влегува во форма како резултат на напорната и стручна работа. Настојуваме да играме модерен ракомет со многу трчање, тоа веќе е препознатлуво и имаме успех. Го совладавме Охрид на тешкото гостување преку тимска игра и темпо во текот на целиот натпревар. Сега следува натпреварот со Вардар, каде ќе дадеме максимум и ќе се бориме до последна минута за да добиеме позитивен резултат. Првичната цел за влез во плеј оф ја исполнивме, но првенството продолжува со вториот дел и се надевам на подобра игра на целата екипа“, вели Серафимов за ЕКИПА.МК. 

Дербито на 11. коло од А групата во Суперлигата меѓу Алкалоид и Вардар кое ќе се игра во спортската сала во Автокоманда на програмата е утре со почеток во 18 часот.

Се вчитува...