Серафимов: Идол ми е Бонучи, секогаш уживам кога играм за Македонија

Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов во новата сезона ќе ги брани боите на МОЛ Фехервар каде се пресли од ЗТЕ по успешната дебитантска сезона во унгарското првенство.

Македонецот за клупскиот сајт даде интервју во кое говореше на повеќе теми како предизвикот во новата сезона, стилот на игра, идолот, но и за настапот за македонската репрезентација.

„Не се гледам себеси како старомоден дефанзивец кој само сака да ја брани зоната и да шутира топката далеку од неа. Важно е да се користи мозокот за време на натпреварите и кога ќе ја имате топката во нозе, да играте со неа. Не се плашам да учествувам и во нападите, се чувствувам добро кога ја имам топката во нозете. Предност за мене е што играв во унгарската лига, ги познавам играчите, посебно напаѓачите. Се надевам дека овој податок ќе ми помогне да имам добри изданија во МОЛ Фехервар. Зад себе ја имав најдобрата сезона во кариерата, пропуштив само две средби поради жолти картони, дадов четири гола. Унгарското првенство е најмалку четири пати подобро од македонското.

Мој идол е Леонардо Бонучи. Навистина ми се допаѓа неговиот начин на игра. Тој е паметен, интелигентен, на мојата позиција го гледам како вистински пример за мене.

Исто како и на секој друг играч, сон ми беше да заиграм за репрезентацијата еден ден и многу бев среќен кога ја добив шансата, затоа што чекав осум-девет месеци да се докажам себеси. Уживав во тие моменти, победивме во двете средби кога бев на теренот и сакам да продолжам на таков начин во дресот на Македонија“, вели Серафимов.

Се вчитува...