Серафимов: Секој си ја знае работата, младите добиваат поголема одговорност

Македонската ракометна репрезентација продолжува со подготовките во Маврово, како прва фаза од тренинзите во пресрет на ЕП 2022. Селекторот Кире Лазаров се уште не може да смета на дел од најискусните ракометари (Миркуловски, Митревски, Кузмановски, Пешевски), ситуација во која младите играчи добиваат поголема шанса за докажување.

Еден од нив е и Мартин Серафимов, десниот бек на РК Алкалоид кој и на последните големи натпреварувања беше дел од националниот тим, но се очекува во Дебрецин да добие шанса да ги покаже своите квалитети.

„Подготовките течат одлично, а и верувам дека ќе продолжиме во овој ритам. Сѐ што работиме е точно и прецизно и секој си ја знае својата работа. Секако ние помладите знаеме да направиме почесто грешки, но затоа тука имаме квалитетен стручен штаб и поискусни играчи кои можат да ни даваат совети за како побрзо и поефикасно да се вклопиме во тимот и да ги намалиме грешките. Селекторот Лазаров верува во секој играч кој го има на располагање и затоа ние помладите добиваме сѐ повеќе одговорност на теренот. Се разбира честа е голема да си дел од вакви подготовки посебно пред настан како Европското Првенство“, изјави Серафимов.

Се вчитува...