Серена со солзи ја напушти прес-конференцијата по поразот од Осака (ВИДЕО)

Според многумина, најдобрата тенисерка на сите времиња Серена Вилијамс, денес беше поразена од Наоми Осака во полуфиналето на Австралија опен. После мечот, Серена не го напушти теренот веднаш, таа остана и мавташе долго пред публиката, која од денес се врати на Австралија опен, се поклони трипати пред трибините на Род Лејвер Арена, па отиде на прес-конференција каде и се расплака пред новинарите.

Она што следеше на прес-конференцијата по натпреварот беше логичното прашање дали станува збор за проштален поздрав и дали Американката го одигра последниот Австралија опен во својата кариера. Серена се обиде да избегне одговор на прашањето, но во тој момент заплака, а потоа стана и замина, по што не се врати.

„Ако некогаш се збогувам, нема да кажам никому“ – беше единственото што го рече големата шампионка откако се расплака.

Сето ова ќе предизвика уште повеќе приказни за нејзиното збогување, Серена има 39 години и логично е да размислува за одење во пензија. Спортската јавност е согласна со едно, а тоа е дека Вилијамс не мора повеќе да се докажува на никого, бидејќи таа е најдобрата тенисерка во светот.

 

Се вчитува...