Повеќе од интересни тврдења на поранешниот стратег на Вардар, Сергеј Андреев во големото интервју за рускиот „МатчТв“, во кое во голем дел се осврнува на многу детали од неговиот период минат во редовите на македонскиот шампион од февруари 2014 до јули 2015 година.
Тоа што секако посебно остава впечаток е тврдењето дека него тој јули 2015 година, веднаш по дуелите со кипарски АПОЕЛ во квалификациите за ЛШ, од клупата на Вардар не го сменил Сергеј Самсоненко по сопствена желба, туку под притисок на тогашниот Премиер на Македонија, Никола Груевски.
Андреев смета, како што вели, дека нема да останел тренер дури и да го минел АПОЕЛ во ЛШ…
„Не мислам дека ќе останев и ако го миневме АПОЕЛ во ЛШ. Никој не ја знае вистината, па дури и јас не знам 100% од тоа. Но, два дена по дуелите имавме средба со сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко. Тој, исто така е од Ростов. Седнавме на кафе и ме праша: ‘Василич, што ќе правиме?’. Во принцип, ние веднаш се разбравме еден со друг. Сергеј ми рече дека е под притисок и го насочи прстот нагоре. Се прекрстив и реков: ‘Дали е тој навистина?’. ‘Не“ – ми рече тој. ‘Малку подолу. Премиерот’“ – вели Андреев во интервјуто за „МатчТв“ и дополнува:
„Во принцип, не знам како се случи ова, ви го кажувам само тоа што ми го кажа сопственикот на клубот. Му се заблагодарив на Сергеј, немаше прашања, сите пари ми беа исплатени. Се уште сме во добри односи со него – се слушаме на секои три до четири месеци, кога повремено доаѓа во Ростов“.
ПОПОВ Е ИГРАЧ КОЈ НЕ САКА МНОГУ ДА РАБОТИ
Сергеј Андреев, меѓу другото, открива и детали и за реакцијата на фудбалерите пред средбите со АПОЕЛ кои не се согласувале со него околу системот на игра кој го протежирал…
„На нешто повеќе од една недела пред мечот со АПОЕЛ ми беше кажано дека на играчите не им се допаѓа мојот систем на игра. Јас сум навикнат веднаш да се справам со вакви ситуации во Русија, без да дојде до некој поголем проблем. Повикав состанок, и веднаш им ги објаснив принципите на момците. Во тој систем, екстремните играчи – Попов лево и Хамбарџумјан од десната страна учествуваа во нападот како играчи од средниот ред. Но, веднаш штом загубевме топка тие ‘седнуваа’… Да, ова е огромна работа за нив. Знам само една личност која може да ја заврши оваа задача во сите 90 минути – Роберто Карлос. Но, нијансата е тоа што не се бараше тоа од нив за целиот натпревар. Како и да е, незадоволството не беше од Хамбарџумјан туку од Горан Попов. Тој е поранешен играч на Динамо Киев, ВБА и репрезентацијата на Македонија, кој очигледно не сакаше да работи премногу. Скандал не се случи, а со играчите се разбравме дека се уште ќе играме според мојот систем. Но, малку го потценив локалниот менталитет. Кај нас се смета за нормално да го собереме тимот и да се објасниме. Во Македонија тоа беше прифатено поинаку. Играчите веднаш почнаа да ‘трубат’ по весници, не со детали од разговорот, туку да се пишува дека тренерот не е сигурен во себе“ – вели Андреев.
Андреев нагласува дека на тој состанок со фудбалерите присуствувал и тогаш спортскиот директор Гоце Седлоски…
„Седлоски беше на тој состанок. Патем тој стана главен тренер две недели подоцна, кога јас бев отпуштен. Но, Гоце на тој состанок стана и им кажа: ‘Како што ќе одлучи тренерот да игра. Тој избира, а не ти.’ Темата сепак излезе во медиумите, и против тоа веќе немаше борба. По првиот натпревар против АПОЕЛ на Кипар кој заврши 0-0, голманот Томе Пачовски го извлече тимот од пораз. По мечот му пријдов, го бакнав на челото и му реков: ‘Томи, ти си Пеле“. Најискусен играч, 33 години… Плачеше, Никој никогаш не го пофалил на тој начин“.
ЗОШТО БЕШЕ ИЗБРКАН МИЛЕВСКИ? КАКО УСПЕА ВАРДАР ОД ПРВ ДА ГО ДОНЕСЕ НА 5. МЕСТО
Сергеј Андреев објаснува и за деновите кога пристигнал во Вардар, на паузата од првенството 2013/14, кога неочекувано од клупата на „црвено-црните“ беше сменет Благоја Милевски кој беше есенски шампион со клубот. А, до крајот, Вардар под водство на Андреев заврши на петата позиција.
„Секој ден следам што се случува во Вардар. И може да кажам дека јас во тој тим тогаш имав многу послаби фудбалери од сегашната постава. Имаат бразилски плејмејкер Фелипе, и негов сонародник во нападот. Минатата година бев да го гледам дуелот со Динамо Загреб, и се сретнав со Тигран Барсегјан, за кого во Македонија велат дека тој не е за тој шампионат, и наскоро ќе оди во многу посилна лига. А, јас кога стигнав таму на 1. февруари 2014 имав само два дена да дојдам на тренинг. Го презедов Вардар на првото место, а завршивме петти не стигнувајќи ни до европски излез. Целосен неуспех! Седнавме со Самсоненко за да одлучиме што понатаму. Му велам: ’20 мора да бидат избркани веднаш’“ – раскажува Андреев, притоа на прашањето како тогаш Вардар со тие играчи претходно по есентта бил прв вели:
„Разликата за тоа прво место ја направиле Шпанецот Хименез и Стојков, како и уште еден играч. Но, тие во тој јануарски трансферен период си заминале. Летото, по таа сезона, ги зедовме Глигоров, Грнчаров, Блажевски и уште неколку фудбалери и стигнавме до титулата“.
Дали Самсоненко учествува во трансфер политиката на клубот?
„Сергеј секогаш се држи под контрола, но кај него не беше секогаш фудбалот на прво место, но ракометот“.
ВАРДАР НЕ МОЖЕ НИШТО ПОВЕЌЕ ВО ГРУПИТЕ ОД ЛЕ
А, сега Вардар е во Лигата на Европа со Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг…
„Дури и со овој тим на Вардар, засилен со Бразилците и уште други квалитетни фудбалери, фаворити во групата се Зенит и Реал Сосиедад. Дури и во некој дел и Розенборг. Но, не Вардар. Платата на некои играчи на Зенит е поголема од целиот буџет на Вардар. Во секој случај, ако Зенит сериозно пристапи на дуелите, не може да му се случи Фенербахче“ – вели Андреев.
Комплетното интервју на Сергеј Андреев за „МатчТв“ може да го прочитате на следниот ЛИНК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА