СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (3): Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (2) Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (1) Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=========================================================

СЕ МИТРОПА КУП – ПОЛУФИНАЛЕ

Скопје (29 мај 1968): ВАРДАР – Спартак Трнава (Чехословачка) 2-2

Стрелци: Мето Спасовски 50’, Мирко Илиевски 63’ (В) – Швец 33’, Кабат 85’ (СТ)

=========================================================

Малкумина знаат дека еден од најдобрите фудбалери во историјата на екс-југословенскиот фудбал, но и еден од најдобри европски фудбалери во свое време, легендарниот Драгослав Шекулрац има официјален натпревар за најтрофејниот македонски клуб Вардар!

Оние две големи победи на „црвено-црните“ против италијанскиот шампион Каљари и елиминацијата на големиот фаворит силно одекна во цела поранешна Југославија, но и во европскиот фудбал. Не останувајќи ниту најмалку рамнодушен на тој успех на Вардар, а како потврда и на тоа колку беше максимално почитувана таа легендарна генерација на Вардар, Драгослав Шекуларац, инспириран од неверојатниот резултат против Каљари, во мај 1968 година сам побара специјална дозвола од Фудбалскиот сојуз на Југославија, но и европската куќа на фудбалот, да одигра барем еден натпревар за Вардар, заедно во друштво со легендарните црвено-црни, Мето, Муто, Диме, Мечка, Шули, Мојсов, Плачков, и да им помогне да се пласираат во финалето на Митропа Купот!

И, ќе добие дозвола! Да. Родениот штипјанец, Драгослав Шекуларац, кој подоцна токму во родниот Штип ќе го има својот последен натпревар во кариерата, ќе игра во вардаровиот дрес во полуфиналето на СЕ Митропа Купот против чешката Спартак Трнава во Скопје во ремито од 2-2. Затоа што, како што самиот тогаш истакна, „Вардар, како магнет, го привлекол!“

Шекуларац ќе го игра првото полувреме во вардаровиот дрес на Градскиот стадион во Скопје, во меч во кој, Вардар се обидуваше да ја анулира предноста од 4-1 на Спартак од првиот натпревар во Трнава. И, имаа „црвено-црните“ предност и од 2-1 на дуелот во главниот град на Македонија, со головите на Мето Спасовски (негов трет таа сезона во Митропа купот) и Мирко Илиевски. Но, во самиот финиш, тогаш екстра-квалитетниот тим од Чехословачка успеа да израмни за конечни 2-2.

Тимот на Вардар од сезоната 1967/68

Тоа се вистинските тајни кои со себе ги носи Вардар, низ приказните за моќта со која го обединува секој искрен љубител на фудбалот во Македонија. Тајни кои откриваат зошто секогаш се издигнува високо над сите, враќајќи се како феникс и тогаш кога сте помислиле дека е совладан.

Овој напис, како дел од серијалот 60 бисерни вардарови натпревари низ изминатите речиси 80 години постоење, какви имала секоја генерација, е само вовед за сите следни вардарови приказни и имиња како Балевски, Кире Пеев, Николовски, Доне Божиновски, кои веќе се и на клупата во Каљари, а како најава и на идните генерации заедно и со Сребров, Кочо Димитровски, Мојсов кои, всушност, заедно со сите останатие златни имиња се брендот Вардар. Со приказната за еден младински тим кој ќе одигра два финални натпревари на турнирот во Баден Баден против славниот Баерн Минхен, и ќе го победи тимот во кој ќе играат еден Мајер, Бекенбауер, Фогст, Брајтнер, Милер…, од најславната генерација на баварскиот тим во историјата.

Младински тим на Вардар со имиња кои се чист производ на легендарното помошно игралиште на црвено-црните, а кое претставува душата на ФК Вардар каков сите го познаваме. Затоа што, како што велат: „Успехот е максимално искористување на можностите кои ги имаме“. А, Вардар тогаш секогаш знаеше да ги искористи максимално сите оние и минимални, во однос на денешните времиња, услови кои му се нудеа. Само затоа што ги имаше фудбалерите! А тие биле, се и ќе бидат неговото најголемо богатство.

Приказни со крајно оптимистички, инспиративен призвук, повеќе од потребен за мене лично во оваа значајна година од мојот живот, и исто толку значајна за ФК Вардар – за успешни промени и успех во 2025!

ПРОДОЛЖУВА…

Се вчитува...