Ништо ново кога станува збор за Манчестер јунајтед, англискиот фудбалски гигант кој речиси секоја сезона ја почнува потпросечно, експресно создавајќи огромен притисок врз стратегот кој седи на клупата на „црвените ѓаволи“.
Она што беше случај со Тен Хаг и со Аморим, сега му се случува и на Мајкл Карик, стручњакот кој лани собираше комплименти како привремено решение сега делува тотално безидејно, откако доби перманентен двогодишен договор на клупата на Јунајтед.
Двогодишен договор што како што тргнал, Карик дефинитивно нема да го издржи до самиот крај. Навивачите, но и значаен дел од управата се разочарани од недоволниот карактер што го покажува тимот. Поразот во првото коло од Хал, надоврзан со ремито и примениот гол од Евертон во последната секунда, па потоа неуспехот на градското дерби со Сити во кое Јунајтед 70 минути беше со фудбалер повеќе…
И згора на се, вчерашната елиминација од лига-купот од Брајтон, меч на кој Манчестер јунајтед водеше со 2-0, но на крајот загуби на домашен терен со 2-3. Карик почна со комбиниран тим, по пресвртот ги внесе најголемите ѕвезди на терен, но изостана реакција и Јунајтед на крајот можеше да биде среќен што не прими уште некој гол.
На сите веќе им стануува јасно дека поранешниот англиски репрезентативец го нема неопходниот авторитет во соблекувалната, особено да најде излез и да допре до тимот во период на криза. Последниот кредит се чини е потрошен со елиминацијата од лига-купот, Јунајтед во наредните денови ќе почне да разгледува други тренерски опции, а не се исклучува можноста веќе за време на репрезентативната пауза да дојде до промена на клупата на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
