Француските власти донесоа одлука со која им се забранува на навивачите на ПСЖ да го посетат Марсеј за дерби-натпреварот од петтото коло на француската Лига 1. Тој дуел е закажан за оваа недела, со почеток во 20.45 часот.
„Министерството за внатрешни работи им забрани на навивачите на ПСЖ да патуваат во Марсеј. Целта на оваа мерка е да се спречи какво било нарушување на јавниот ред и мир. Во текот на неделата, во тие 24 часа, забранет е влезот во градот Марсеј и во регионот за сите лица кои се однесуваат или се идентификуваат како навивачи на Пари Сен Жермен“, стои во официјалното соопштение.
Пред десет дена, заменик-префектот на полицијата во департманот Буш-ди-Рон, каде што се наоѓа Марсеј, издаде наредба со која им се забранува на навивачите на ПСЖ влез на стадионот „Велодром“, како и движење по улиците низ градот и неговата околина.
Статистички гледано, овие две навивачки групи најчесто се во центарот на скандалите во францускиот фудбал, а меѓу нив постои долгогодишно непријателство кое често резултирало со големи судири.
Двата тима имаа лош старт на новата сезона во Лига 1. Марсеј има една победа и три порази по четири натпревари, додека Парижаните имаат една победа, две нерешени средби и еден пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
