Цеск Фабрегас целосно ја доби тактичката битка со Мајкл Карик, Комо го растури Манчестер јунајтед со 4-1, а шпанскиот стратег стави дополнителна „сол на раната“ на англискиот гигант откривајќи дека тој им сугерирал на своите фудбалери да ја прекинат доминацијата на теренот и да не тргнат по петти погодок.
Комо одигра перфектни 80 минути во кои стигна до водство од 4-0, италијанскиот тим во финишот очигледно подзастана што им овозможи на гостите да стигнат барем до утешен погодок, а Фабрегас во изјавата по мечот откри дека тој бил виновникот што неговиот тим не продолжил во ист ритам.
„Искрено жалам за последните десет минути, бидејќи јас бев тој што им кажав на моите играчи да не напаѓаат повеќе. Идејата ми беше да го намалиме темпото, бидејќи за неколку дена имаме нов натпревар, водевме со 4-0 и сакав да сочувамме дел од силите. Директно им кажав да престанат да трчаат, да останат на средината од теренот и таму да контролираат она што се случува. Го кажувам ова затоа што ми е искрено жал, бидејќи јас сум тој што секогаш бара од нив да се борат за секоја топка до последниот судиски свиреж. Се изнервирав по голот на Јунајтед поради нашиот дефанзивен блок, но јас сум виновен што воопшто дојде до тоа“, истакна Фабрегас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
