СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (2): Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (1) Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=========================================================

СЕ МИТРОПА КУП – ЧЕТВРТФИНАЛЕ (реванш натпревар)

Каљари (27 март 1968): Каљари (Италија) – ВАРДАР 0-1

Стрелец: Велковски 81’

=========================================================

По таа извонредна победа од 1-0 во Скопје против Каљари во првиот четвртфинален натпревар, веќе со поинакви очи се гледаше на „анонимниот“ тим од Скопје. Италијанците сега веќе беа далеку повнимателни, но, секако, и натаму никој не ни помислуваше на елиминација на моќниот тим на Каљари, со силна верба за пласман во полуфиналето на СЕ Митропа Купот на Европа.

Вардар, пак, и натаму без никакво оптоварување се повлече во својата традиционална база, хотелот Сарај. Карантин, комплетна изолација, нема пристап до играчите, освен за новинарите и неколку мајстори од шивачката задруга кои земаат мерки на фудбалерите за изработка на официјалната униформа, темно-сино сако, светло-сини панталони, внимателно изработени од најквалитетен англиски штоф купен во „Громби“, на градскиот плоштад. Во меѓувреме, охрабувачки излет до Ниш во првенството, откинат заслужен бод и зацврстување на петото место на табелата во југословенското првенство. Фудбалско Скопје со подгреани надежи ги брои деновите до мечот кој значи да се биде или не!

ЧЕТИРИ ШОКАНТНИ „УДАРИ“ ЗА ВАРДАР НЕПОСРЕДНО ПРЕД ГОСТУВАЊЕТО НА САРДИНИЈА

Но, сосема изненадувачки, непосредно пред заминувањето за Сардинија, четири ‘удари’ за Вардар. Шок! Петар Шулинчевски заминува од клубот за 14.000 долари, плус и нешто за клубот – не е објавено, и шест месеци ќе настапува за ФК Мустанг од Чикаго, САД. Турбуленции во Управата и клупската администрација. Афера со црни фондови, билети, па место Кочо Китановски, експедицијата на Вардар на патот во Италија ќе ја предводи новиот претседател Блажо Ристоманов, а на местото на тренерот Душан Варагиќ, кој по пат ненадејно ќе остане во Белград, на клупата ќе биде Божиновски. Пех до пех пред мечот на деценијата…

Диме Георгиев – секогаш неприкосновен во дресот на Вардар

„Се обидувавме да не дозволиме настаните да влијаат на нас, колку тоа е можно во таква ситуација, да ја задржиме хомогеноста на тимот и вербата во себе и квалитетот што го поседувавме. Беа тоа некои други времиња. Живеевме за Вардар! Со повеќе меѓусебна почит, заедништво кое никој не може да го скрши. Имаше феноменална атмосфера во соблекувалната но и во односите со навивачите од кои секогаш имавме голема поддршка. Беше вистинска привилегија да бидеш фудбалер на црвено-црните, немавме некои примања но и тоа како бевме популарни на секој чекор во нашето Скопје и Македонија“ – се сеќава Диме Георгиев, на моментите на заминување за Италија.

„Упицнати во новите одела слетавме во Рим, и веднаш излегувајќи на аеродромската писта (тогаш не постоеја препознатливите тунели за излез директно од авион), се сретнавме со славните Карло Понти и Софија Лорен кои исто така слетаа во тој момент, пешки движејќи се кон аеродромската зграда. Потоа краток лет до Каљари и сместување во хотел Агип. Времето идеално, море и сонце, убавина. А, како во тоа време и немавме некои многу информации за светот, од неукост ја измешавме Сардинија со Сицилија, па вечерта некако уплашени од приказните за мафијата во поголеми групи се мотавме само на петнаесетина метри од хотелот. Сепак, следниот ден јурнавме по продавниците, трагајќи по ‘најновата мода’. Јас и Мечкаров, недоговорени, се вративме во Скопје со првите грамофони на батерии за мојот нов Рено 16, а тој за новиот Опел Комодоре. Бевме вистински хит во Скопје, но и кај хотел Парк, низ летниот период, во Охрид. Да се знае кој е од Вардар!“

Драган Мутибариќ на голот на црвено-црните имаше незаборавен натпревар во Каљари

Но, веќе следниот ден следи основната причина за престојот на Сардинија – реванш дуелот со Каљари.

„Максимално расположени и мотивирани влеговме бескомпромисно на мечот и целосно го надигравме Каљари. Мечка не му даде да мрдне на Џиџи Рива, Плачков го ‘уапси’ Бонисења, а јас го натерав Хиченс тој повеќе да ме брка мене, отколку јас него. Муто на голот беше феноменален,  двапати го запре Рива, од кои вториот удар од само 4-5 метри од 100% шанса која ја имаа домашните. Сите беа извонредни, а, кој друго ако не, Мето на крајот ја заврши главната работа. Беше најдобриот поединец на теренот на двата натпревари. Со гол во Скопје и со асистенција во Каљари го одлучи четвртфиналето. Мето Спасовски беше навистина феноменален играч, незаборавен. И, ако во таа генерација не се погодеше Драган Џајиќ сигурно ќе имаше најмалку 50 натпревари во дресот на Југославија“ – вели Диме Георгиев.

Мето Спасовски – лидерот на Вардар таа 1967/68 сезона во Митропа Купот на Европа

ЏИЏИ РИВА: „Земете ја топката. Ваша е! Бевте предобри! Ја заслуживте!“

И тој ден на Сардинија, повторно се случи македонското чудо. Мето Спасовски, во 80. минута прими една навидум безопасна топка кај левото корнер знаменце на половината на Каљари, мајсторски со брз дриблинг се ослободи од својот чувар бекот Тидија, единствениот Сардиниец во домашната екипа, кој во немоќ ја сопре топката со рака. Австрискиот судија Вавизек суди слободен удар на самата линија од шеснаесет метри. Мете од слободен удар испраќа вистинска бомба, голманот Пјанти овој пат брани но топката се одбива само до ногата на осамениот Велковски. Прецизен удар и ГОЛ!!!

Најпрво краток молк на петнаесетилјадната публика. Штама. А, потоа одеднаш навивачите на Каљари со изненадувачки громогласен аплауз и овации за Вардар. Како да поздравуваат гол на своите миленици. И „вардарци“ збунети, но горди. Набрзо крај на мечот и Вардар е во полуфиналето на СЕ Митропа Купот на УЕФА.

„Bravissimo Vardar… Questo fantasticо…, слушавме извици од трибините од навивачите на Каљари. Слични наслови потоа пренесоа и италијанските медиуми. Тоа беше навистина нешто феноменално. Две победи против еден од најдобрите италијански тимови“ – се потсетува Георгиев, притоа изнесувајќи една случка која засекогаш ќе остане врежана длабоко во меморијата кај секој вардарец.

„Додека се радувавме на центарот на теренот по последниот свиреж, Дробац отиде кај судијата и ја побара топката со која се играше мечот за спомен. А, кога по мечот веќе ги напуштивме соблекувалните пред стадионот не пречека една неверојатна слика. До Дробац дотрча економот на Каљари кој почна да му ја одзема топката. И двајцата ‘се тргаа’ по топката. Во тој момент, како од Бога пратен, се појави Џиџи Рива и кога виде што се случува, онака во еден чекор прескокнувајќи една бетонска препрека ја грабна топката од домашниот економ и му ја врачи на нашиот бек: ‘Ваша е! Бевте предобри! Ја заслуживте!’ – рече кротко Џиџи Рива. Голем играч, голгетер, но пред се човек! Е тоа беа моменти кои остануваат во наше сеќавање до денес“.

Легендарниот состав на Каљари од 1968 година кој беше елиминиран од Вардар

МЕДИУМСКИОТ ‘ПРЕЧЕК’ ВО СПЛИТ

Но, не беше тоа крај на моментите за паметење на вардаровите фудбалери. Една повеќе од интересна случка во Сплит исто така ќе остане во сеќавање.

„На враќање од Сардинија, на патот кон Скопје, со мал авион мораше да слетаме најпрво во Сплит. И, таму повторно изненадување. При слетување низ малите округли прозорчиња на авионот забележавме пред аеродромската зграда една група од повеќе од 20 новинари, фоторепортери, ТВ-репортери. Никој од нас не го очекуваше тоа. Бевме возбудени, горди на себе, среќни мислејќи дека цела Југославија го слави нашиот успех. Муто прв излезе од авионот и онака со раширени раце од скалите почна да отпоздравува, се движевме кон новинарите и мислевме ќе не запрат. Но, како се доближувавме до новинарите тие воопшто не не запреа, само не одминаа. Кога ги заминавме застанавме и погледнавме наназад. Зад нас доаѓаше корпулентен, елегантно облечен, маркантен човек. Дочекот всушност бил за легендарниот американски актер Орсон Велс. Сеедно. Пречекот за нас во Белград а потоа во Скопје беа незаборавни“ – завршува Диме Георгиев.

Два незаборавни дуели со италијанскиот гигант Каљари кои Вардар засекогаш ќе ги носи со себе, низ приказните за моќта со која го обединува секој искрен љубител на фудбалот во Македонија. Тајни кои откриваат зошто секогаш се издигнува високо над сите, враќајќи се како феникс и тогаш кога сте помислиле дека е совладан.

ПРОДОЛЖУВА…

Се вчитува...