СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“: Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

СЕ МИТРОПА КУП – ЧЕТВРТФИНАЛЕ

Скопје (13 март 1968): ВАРДАР – Каљари (Италија) 1-0

Стрелец: Мето Спасовски 89’

=========================================================

КАКО ТОГАШ 14-ГОДИШНИОТ НИКОЛА ИЛИЕВСКИ ГО ДОБИ ПРЕКАРОТ ЏИЏИ

Скопје, 12 март 1968 година. „Кочан зима“ – како што отпеал Влатко. Ладно, сиво депримирачко време во градот. Ретки се минувачите кои се осмелуваат да прошетаат низ градскиот парк. Единствено на источната жичана ограда на легендарното помошно игралиште на Вардар има луѓе, педесетина. Нивното внимание го привлекува тренингот на екипата облечена во сини, како по мерка кроени, тренерки. Со залижани коси, елегантни како залутани манекени на фудбалскиот терен. Во кругот на помошното, на самиот центар тренерот дава инструкции на двете групи играчи распоредени кон двата гола. Атмосферата е весела, лицата насмеани, меѓусебно дофрлувајќи си по некој збор кои што, пак, гледачите не ги разбираат. Зборуваат италијански. Само еден млад човек кој е веднаш до тренерот им го познава јазикот, Душко Михајловски. Определен е од управата на ФК Вардар да им биде на располагање на гостите. Од неодамна е во контакт со фирма од Милано. Уште еден помлад скопјанец, пак, 14-годишниот Никола Илиевски се подготвува утрешниот ден да го следи натпреварот меѓу ФК Вардар и италијанскиот Каљари во четвртфиналето од СЕ Митропа Купот на Европа (колку за компарација за помладите, пандан на Интертотокупот потоа или Конференциската лига во денешно време). И на двајцата млади луѓе гостувањето на тимот од Сардинија ќе им ги обележи животите!… Првиот ќе се вљуби во играта на центарфорот на гостинскиот тим, Роберто Бонинсења, па ќе си го земе прекарот и ќе стане попознат како Дуле Бонинсења, а притоа од тој момент останувајќи лојален, верен и доживотен фан на Вардар и славниот фудбалер. На вториот, пак, посебен впечаток ќе му остави најдобриот играч на екипата во модро-црвени дресови тогаш легендарниот италијански репрезентативец Џиџи Рива, кој првпат е во Скопје. Младиот фудбалер ќе развие слични каректеристики во играта и ќе си го присвои прекарот Џиџи. По неколку децении, Никола Илиевски – Џиџи, ќе ја предводи како селектор репрезентацијата на Македонија на историскиот меч со Англија во Саутемптон, на кој, денес за жал подзаборавениот Артим Шаќири, ќе го постигне незаборавниот гол директно од корнер во ремито (2-2) на Македонија со „Гордиот Албион“.

БИТКАТА НА „ДАВИД И ГОЛИЈАТ“

Значаен е за скопјаните овој двомеч на нашиот Вардар со легендарниот тим на Каљари, кој тие години од 1967 до 1970 предводен од Џиџи Рива е неприкосновен во Италија, освојувајќи ја и единствената шампионска титула во Серија А во историјата. Но, „вардарци“ ќе го бранат угледот на клубот, на градот и републиката. Треба да се покаже дека има квалитет да се спротистави на екипа која е претставник на европски и светски шампион!

Претходниот тим на Вардар, една феноменална генерација го постигна најголемиот успех на клубот дотогаш во рамките на поранешна Југославија, освојувајќи го Купот на Маршал Тито во 1961 година. Од тој тим, на овој сега прв натпревар во Скопје со Каљари, ќе настапат капитенот Петар Шулинчевски, Мирко Илиевски и Симон Велковски. Нив ќе им се придодадат младите таленти Методија Спасовски, Сократ Мојсов, Атанас Мечкаров, Диме Георгиев, Драган Мутибариќ… Македонските и југословенските медиуми со голема скепса гледаат на претстојните настапи на Вардар, доделувајќи му ја аутсајдерската улога. Скопјани како да се веќе прежалени а мечот претставуван како напревар на „Давид и Голијат“. На пресот пред самиот натпревар тренерот на Италијанците, Пуричели ја призна фаворитската улога, особено осоколен од, само неколку денови претходно, големата гостинска победа над првопласираниот Милан во Серија А. Впрочем тој во екипата има тројца репрезантивци на Италија, плус го има репрезентативецот на Англија Хиченс, но  и Бразилецот Нене и пред се најскапиот играч на Италија, Џиџи Рива – платен една милијарда лири.

Џиџи Рива

Рива освојувачот на три златни копачки како најдобар стрелец во првенството на Италија, играч кој само три месеци по тоа гостување во Скопје, најпрво со Каљари ќе го го освои шампионатот на Италија, а веднаш потоа и титулата европски шампион со репрезентацијата на Италија во неповторливите два финални натпревари против Југославија. Ќе биде прогласен и за носител на „Сребрена топка“, како втор најдобар играч во Европа за таа 1968 година.  Две години потоа ќе игра финале на Светското првенство 1970 во Мексико против репрезентацијата на Бразил предводена од славниот Пеле, и ќе биде дел од идеалниот тим на Мундијалот.

„НА МЕТЕ, НА МЕТЕ…“ – И СПАСОВСКИ ГИ ШОКИРАШЕ ИТАЛИЈАНЦИТЕ А ГО „ЕРУПТИРАШЕ“ ГРАДСКИОТ СТАДИОН

Нејсе. Првиот натпревар од четвртфиналниот двомеч во Скопје ќе помине во гладијаторска битка меѓу двете екипи… Вардар настапува во следниот состав: Драган Мутибариќ, Владимир Рац, Јован Дробац, Диме Георгиев, Атанас Мечкаров, Мето Спасовски, Мирко Илиевски, Лазар Плачков, Петар Шулинчевски, Симон Велковски и Сокрај Мојсов.

Составот на Вардар од крајот на шеесеттите години на минатиот век кој играше и во Митропа купот – стојат (од лево кон десно): Јован Дробац, Драган Мутибариќ, Димитар Георгиев, Владимир Рац, Лазар Плачков и Атанас Мечкаров. Клечат (од лево кон десно): Мирко Илиевски, Крсто Врбица, Сократ Мојсов, Симон Велковски и Мето Спасовски.

Се ближи крајот на натпреварот. Дел од премрзнатата публика ќе почне полека да се упатува кон излезот. Стадионот не е полн. Неверојатно ладното време, најавениот телевизиски пренос а пред се скапите билети за Јужна дури – 15 тогашни динари, помогнаа голем број навивачи да го следат натпреварот во топли домашни услови.

„Се играше 89. минута, пресеков еден напад на нашата половина и појдов со топката кон центарот. Немаше наши играчи напред“ – ја раскажува таа вечер Диме Георгиев и дополнува:

„Од позадина го слушам гласот на командантот на одбраната Мечкаров: ‘На Мете, на Мете’. Го видов Мете крај левата аут линија на противничката половина, оддалечен некаде на 30 до 35 метри од голот на противникот. Ја упатив топката кон него и продолжив со спринтот, очекувајќи да одиграме ‘двојно проигрување’ и само да ја држиме топката далеку од нашиот гол. Но, Мете Спасовски во приемот на топката направи едно искосено движење, како сега ми е пред очите, и место кон мене, низ чекор-два упати удар дирекно на голот на Каљари. Можев лесно да го следам летот на топката. Одеше како ѓуле, нити голманот не веруваше дека некој би се осмелил да шутира од таа далечина. Во последен момент се изви во воздухот но беше доцна, успеа само да ја допре со прстите и да го разубави уште повеќе погодокот. Топката се зари во самиот десен горен агол меѓу дирекот и гредата. Силно воодушевување во публиката, игачите и клупата со резерви се радуваат на теренот, италијанските фудбалери лежат по тревата, не им се верува што се случи“.

Неприкосновената напаѓачка вардарова двојка – Петар Шулинчевски и Мето Спасовски

Вардар го победи моќниот Каљари со 1-0 во првиот четвртфинален натпревар со феноменалниот гол на Мете Спасовски во 89. минута. „Црвено-црното“ срце ја покажа својата големина пред себе и пред цела Европа.

Силно одекна тој резултат во југословенскиот но и европски печат. „Давид“ и, овој пат, пред „Голијат“ покажа дека е жив на најдобар можен начин не дозволувајќи да потклекне пред „моќниот противник“!

Реваншот е закажан по две недели. Екипата веднаш се повлече во својата традиционална база, хотелот Сарај. Во очекување на гостувањето во Каљари…

ПРОДОЛЖУВА…

Се вчитува...