Серж Гнабри потпиша за Хофенхајм

Хофенхајм од следната сезона ќе има големо засилување откако го договори Серж Гнабри од Вердер Бремен. Дебитантот во Лигата на шампиони ја активира клаузулата од 8 милиони евра на 21-годишното крило, која беше ставена како услов за фудбалерот да може да го напушти клубот за тим кој настапува во најелитното европско натпреварување.

Поранешниот играч на Арсенал одигра извонредна сезона во дресот на Вердер. По подолго време клубот се најде на горниот дел од табелата на крајот од сезоната, а Гнабри беше можеби и најдобар поединец во тимот. Со 11 погодоци на 27 натпревари во Бундеслигата, во неговата прва сезона докажа дека е подготвен за големи предизвици, најмногу сакаше да се докаже на Арсенал, кој премногу лесно се откажа од него.

Во дресот на сениорската германска репрезентација имаше деби од соништата. Во ноември минатата година со хет-трик ја славеше големата победа од 8-0 над Сан Марино во рамките од квалификациските натпревари за СП 2018. Гнабри ќе биде дел од репрезентацијата У-21 за претстојното Европско првенство во Полска, каде Германија во групата Ц ќе се соочи со Данска, Чешка и со Италија.

Се вчитува...