Севилја му нуди два милиони евра годишно на Столе Димитриевски

Столе Димитриевски ги одработува последните шест месеци од договорот што го има со Рајо Валјекано, а со оглед на одличните настапи што нашиот голман ги има во Ла Лига неколку години наназад јасно е дека Димитриевски заслужено е меѓу најпосакуваните фудбалери на шпанскиот „пазар“.

Димитриевски беше поврзуван со Валенсија и со Вилјареал, тој во меѓувреме обелодени и дека преговара за можно продолжување на соработката со Рајо, но сега како сериозен кандидат во оваа трка се појави Севилја.

Како што јави „Ел Чирингито“, Севилја веќе испратила богата понуда до македонскиот репрезентативец, за да го убеди тој во текот на летото да дојде како слободен играч на „Санчез Пизхуан“. Станува збор за тригодишен договор за плата од огромни два милиони евра по сезона, која Димитриевски би ја добивал ако прифати да остане во Рајо до крајот на сезонава, а потоа без никаква отштета се пресели во Севилја.

Останува да се види разврската, но јасно е дека Димитриевски заслужува посериозен трансфер и зголемување на платата по одличните партии што ги прикажува на голот на Рајо Валјекано. Нема сомнеж дека тоа и ќе го добие, без разлика кој клуб ќе го избере за своја следна дестинација во кариерата.

Се вчитува...