Најтрофејниот македонски спортист на сите времиња Шабан Трстена, кој има вкупно 19 сениорски медали во својата кариера од Олимписки игри, светски и европски првенства и Медитерански игри, на гостувањето во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, меѓу другото, зборуваше и за своите најголеми болки во кариерата.
Трстена истакна дека една негова болка е поразот во последната секунда на Европското првенство 1985 година во Лајпциг, откако претходно, пак, беше европски шампион трипати по ред во 1982, 1983 и во 1984 година. А, втората „рана“ е што не успеа да освои медал за Македонија на Летните олимписки игри 1996 во Атланта, поради неправдата која му се случи во четвртфиналето, па на крајот освојувајќи го петтото место на Олимписките игри.
„Тогаш во првото коло налетав на олимпискиот победник од 1992 година, Кубанецот. И го победив. А потоа победив уште тројца борачи и дојдов до борбата за полуфинале. А, по три рунди резултатот беше 3-3, и во продолжението, според правилата, кој ќе дојдеше прв до бод тој е победник. Јас направив една акција и го свртев противникот преку грб, но судиите доделија прво три бода за него а два за мене, и неправедно тој победи“ – се потсетува Трстена и дополнува:
„Тоа беше неправда. Чифлиганец плати 3.000 долари за жалба, но снимките тогаш се разгледуваа во затворени соби. И, во комисијата за жалби беше Американец. А, тогаш главниот кандидат за злато беше Американец. И тие не ја прифатија жалбата затоа што се плашеа дека јас ќе стигнам до финалето. А, ако дојдев до финалето верувајте дека ќе ја освоев олимписката шампионска титула за Македонија. Замислете, шампионво 1984, па потоа со медал во 1988 и повторно медал во 1996. Тоа ќе беше нешто навистина восхитувачко, но не се жалам. Имав убаво кариера“.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

